Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека американскиот план за прекин на војната во Украина може да послужи како „основа за конечен мировен договор“, во момент кога претседателот на САД Доналд Трамп поставува рок до следниот четврток за Киев да го прифати предлогот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека земјата се соочува со еден од најтешките моменти во својата историја, предупредувајќи дека притисокот од Вашингтон ја носи Украина пред избор „меѓу губење на достоинството и губење на клучен партнер“.
Протечениот американски план од 28 точки – подготвен од администрацијата на Трамп – предвидува Украина да отстапи дел од територијата која сѐ уште ја контролира и да се согласи Русија да ја задржи окупираната територија, вклучувајќи ги Крим, Донецк и Луганск. Планот бара одржување избори во рок од 100 дена, намалување на украинската армија и откажување од стремежот за членство во НАТО.
Зеленски во обраќањето до нацијата рече дека „конструктивно“ работи со САД на предлозите, но повтори дека Украина ќе поднесе сопствен план. Тој во последните часови разговараше со европските лидери и со генералниот секретар на НАТО, во обид да обезбеди поддршка.
Путин, кој му даде целосна поддршка на планот, изјави дека Москва била подготвена за „флексибилност“ уште на претходната средба со Трамп во Алјаска, додавајќи дека новата, „модернизирана“ верзија со 28 точки е прифатлива за Москва.
Вашингтон повторно врши притисок врз Киев, оценуваат американски официјални лица, предупредувајќи дека украинското одбивање може да доведе до губење на американската воена помош. Зеленски веќе добил предупредување дека поддршката не е загарантирана доколку ја одбие понудата.
Украинските коментатори велат дека планот ги отсликува максималистичките барања на Москва и дека неговото прифаќање би ја поткопало украинската безбедност. Истовремено, Зеленски се соочува со нов корупциски скандал кој дополнително ја оптоварува политичката сцена.
Паралелно со дипломатските напори, руските напади продолжуваат. Украинските власти известија за жртви во Оdesa, Запорожје и Тернопил по последните воздушни удари.
Трамп претходно за „Фокс радио“ изјави дека Украина „ќе изгуби територија во краток период“, додавајќи дека Киев „ќе мора да прифати нешто“.
Зеленски и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс разговарале повеќе од еден час за деталите од предлогот. „Работиме патот напред да биде достоинствен и ефективен“, напиша Зеленски.
САД, Украина и европските сојузници ќе продолжат со разговори во наредните денови, во пресрет на рокот поставен од Трамп.

