8.5 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Сиљановска-Давкова: Нема потреба од предвремени избори, изјавата на Ахмети е притисок врз судството

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во понеделникот изјави дека нема основа за предвремени парламентарни избори дури и ако Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, ја напушти Владата, оценувајќи дека институциите функционираат и покрај политичките предизвици.

„Апсолутно нема потреба. Предвремени избори се одржуваат кога институциите се парализирани или кога мнозинството е на работ на потребните 61 пратеник. Сега далеку сме од тоа“, рече таа, одговарајќи на новинарско прашање.

Говорејќи во својство на универзитетски професор, Сиљановска-Давкова додаде дека проблемите постојат, но институциите се справуваат со нив, а претстојните редовни локални избори се „лакмус тест“ за расположението на граѓаните и успешноста на власта.

Претседателката ја критикуваше и изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во интервју за „Слободен печат“ најави дека ќе излезе на улица ако биде покрената обвинителна постапка против поранешниот министер Крешник Бектеши во врска со трагедијата во Кочани, барајќи предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

„Тоа е притисок врз судската власт. Јас, за разлика од господинот Ахмети, ќе внимавам на моите зборови. Не сакам да се мешам во судството, но ваквиот говор значи влијание врз независната судска власт“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека во изминатите три децении, особено во дваесетгодишното владеење на ДУИ, партиите требало да научат дека поделбата на власта мора да се почитува и дека партиите треба да останат надвор од институционалното одлучување.

„Често е тенка линијата меѓу тоа каде завршуваат партиите и каде почнува државата. Кога партиите се претставуваат како институции, тоа е партитократија, а не демократија“, изјави таа.

Осврнувајќи се на ставовите на Ахмети за ветингот, Сиљановска-Давкова рече дека тој треба да служи за зајакнување на институциите, вклучително и судството, но отфрли секаков политички притисок како неприфатлив.

„Се надевам дека ова беше само момент на слабост, да не речам на искреност. Презумпцијата на невиност важи за сите“, заклучи шефицата на државата.

 

Related posts

НЕПРИФАТЛИВО ИНСТАЛИРАЊЕ НА ТУЃ ПРОБЛЕМ НА МАКЕДОНСКО ТЛО

ninja

Ахмети со писма го алармира меѓународниот фактор, повикува на заедничка акција

admin

Новата Влада „тежи“ над 3,6 милиони евра – премиерот Мицкоски пријавил скапи часовници, министерот Таравари единствен милионер

admin

Рамадани во бегство, СДСМ бара Тошковски да си замине

admin

Таравари по одлуката Албанија без Северна Македонија да продолжи кон ЕУ: Последици на претходната Влада

admin

Германски воен офицер уапсен поради шпионирање за Русија

admin