16.4 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Соло играта на Таравари оди кон расплет или заплет?

Најавата на премиерот Мицкоски дека ќе побара став од Таравари дали тој има договор со ДУИ за локалните избори, предизвика реакција од Мала Речица.

Неизвесно е дали премиерот Христијан Мицкоски ќе добие јасен одговор од неговиот колициски партнер Арбен Таравари – дали тој има договор за изборни планови со ДУИ, или неговиот соговорник ќе купува време и ќе го каже она што и досега го изјавуваше – дека нема таков договор.

„На таа средба јасно сакам да слушнам став којшто и медиумите ќе го слушнат – дали е точно дека има договор меѓу партијата на господинот Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција, дека во најмалку 5 или 6 општини каде што тој ќе извади свои кандидати, ДУИ нема да извади свои кандидати за градоначалници, што прво значи себепонижување како политичка партија, а второ – дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене е неприфатливо како претседател на Владата“, изјави вчера премиерот.

Оваа изјава на Мицкоски резултираше со реакција од Мала Речица.

„Неговата последна изјава – каде што јавно сугерира со кого треба да коалицира Арбен Таравари – е опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи. Ова е црвена линија што никогаш порано не е премината – и што нема да биде дозволено да се премине ниту сега“, реагираа од ДУИ.

Христијан Мицкоски
Неизвесно е дали премиерот Христијан Мицкоски ќе добие јасен одговор од неговиот колициски партнер Арбен ТаравариФотографија: Government of North Macedonia

Според интегративците, Мицкоски „нема ни морален ни политички легитимитет да го дизајнира политичкото претставување на Албанците“.

„Албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на албанските граѓани – на автентичен, достоинствен и слободен начин. Тоа не е предмет на пазарење, дизајн или политички инженеринг од страна на политичари кои ја прикриваат својата неспособност со омраза и кои се плашат од мултиетничноста, наместо да ја прифатат како вредност. Мицкоски не е и никогаш нема да биде тутор на политичката репрезентација на Албанците“, порачаа од ДУИ.

Кој е туторот?

Колку е искрена ДУИ кога вели дека албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на албанските граѓани?  Али Ахмети,  лидерот на партијата која над две децении беше во власта, не беше благонаклонет кога се формираа нови партии на Албанците. Не може да се изброи колку пати во изминатите години Ахмети лично ги квантифицираше потребите на Албанците за политичко претставување.

Али Ахмети
„ДУИ е навистина големата мајка што им вели – не се карајте, туку доаѓајте во вашата куќа, не стојте по улиците“, изјавуваше Али Ахмети во 2020 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„На Албанците не им треба анархиски плурализам со многу партии“, порачуваше Ахмети во 2015 година.

Во наредните години и конкретно прецизираше колку партии им се доволни.

„На Албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две политички партии, третата може да биде штетна. Две партии се доволни за застапување на Албанците, една во опозиција, една на власт“, порачуваше тој.

Кога му укажуваа дека никој не смее да го дозира, квантифицира и лимитира слободното здружување на Албанците во други партии, само за да го штити својот партиски монопол преку наративи за наводна заштита на албанските интереси, токму Ахмети во улога на тутор ги потсетуваше која партија е нивната голема мајка.

„ДУИ е навистина големата мајка што им вели – не се карајте, туку доаѓајте во вашата куќа, не стојте по улиците“, изјавуваше Ахмети во 2020 година.

Во корист на ДУИ

Дали Таравари е првиот што на крајот ќе заврши во орбитата на ДУИ, иако никогаш претходно не бил дел од „големата мајка“? Ако се гледаат макар и површните сигнали, Таравари има посредечни односи со Ахмети, отколку со  досегашните партнери во ВЛЕН.  Пред три дена Таравари се ракуваше со претседателот на ДУИ во селото Слупчанe, кога се најдоа во првиот ред по повод одбележување на 24-годишнината од почетокот на војната на ОВК. Но, еден ден подоцна, дури ни куртоазно не се ракуваше со коалициските партнери од ВЛЕН, иако сите беа присутни на официјалниот почеток на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар. Во таа пригода Таравари се ракуваше единствено со премиерот  Христијан Мицкоски.

Претседателот на Алијанса за Албанците, вчера во статус на Фејсбук порача дека нивната партија работи само во интерес на народот.

Арбен Таравари
Дали Арбен Таравари ќе заврши во орбитата на ДУИ?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ние не правиме никакви потези за задоволство или гнев на нeкого! Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со ‘предвидување на иднината’. Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги земаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња“, Ние сме Алијансата за Албанците која работи само во интерес на народот!“, напиша Таравари.

Дури и да не оствари соработка со ДУИ, одлуката на Алијанса за Албанците да настапи на  локалните избори  со посебни листи за советници, оди единствено во прилог на ДУИ. Ако Таравари заради овие превирање излезе од Владата,  а неговите пет пратеници станат дел од опозицијата, ДУИ која и досега критикуваше дека коалицијата ВЛЕН  нема легитимитет, тој легитимитет и дополнително ќе го оспорува. Со тоа АА би инвестирала во наративот на ДУИ дека за легитимна влада се нужни и  вонредни парламентарни избори. /DW

Related posts

Германската војска ќе достави помош од воздух за Газа

admin

ДАУТИ УВЕРУВА: НЕМА ДА ИМА НЕДОСТИГ НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

ninja

Сарацин во Скопје – продолжува дипломатската офанзива

admin

Фетаи до Ахмети: „Јас не сум ничиј слуга – тој епитет задржи го за себе“

admin

„ДУИ сами си ја укинаа институцијата, па сега плачат” – Фетаи со жестока порака!

admin

Уставните измени се само една од можните сопки кон влезот во ЕУ

admin