Косовската пратеничката Дуда Баље изјави дека ѝ било понудено работно место како професорка во Скопје, како дел од неформална понуда во замена за нејзиниот глас за кандидатурата на Албулена Хаџиу за претседателка на Собранието на Косово, јавуваат косовски медиуми, пренесува Инбокс7.
„Да, точно е. Добив неколку повици од лица што не се директно поврзани со политиката, туку се од општествениот живот. Пред неколку години аплицирав за позиција професорка во Македонија и ги исполнив сите услови, но потоа не продолжив со апликацијата. Сега ми кажаа дека има можност да се разговара за тоа работно место“, изјави Баље.
На прашањето на новинарите дали оваа понуда е поврзана со гласањето за Албулена Хаџиу, таа одговори: „Да, не беше директно, но… Станува збор за една пријателка, докторка од Косово. Се среќававме неколку пати случајно. Мојот одговор беше не – одбив, бидејќи не ги познавам тие луѓе и за мене тоа беше неприфатливо. Имаше два или три повици.“
На нејзината изјава реагираше пратеничката од листата на Ветевендосје, Доника Гервала, која рече дека не е информирана за вакви наводи.
„Ги повикувам госпоѓа Баље и господин [Адем] Хоџа да се откажат од блокирачкиот пристап, затоа што не сме на пазар каде што се продава и купува. Станува збор за принципиелно прашање – конституирање на Собранието. Немам такви информации и не знам за зделки од таков карактер“, изјави Гервала.
Таа додаде дека Самоопределување води постојани разговори со цел да ги поттикне пратениците да учествуваат во гласањето.
Косовскиот парламент денеска ќе ја одржи својата 20. по ред седница во обид да се конституира, три месеци по одржувањето на парламентарните избори на 9 февруари.
И покрај повиците за институционално деблокирање, партиите сѐ уште не постигнале консензус за избор на претседател на Собранието.
Неколку последователни седници не резултираа со формирање на комисијата за надзор на тајното гласање за избор на спикер.
Партијата победничка на изборите, Самоопределување, продолжува да ја предлага Албулена Хаџиу за функцијата, но без доволна поддршка од другите политички субјекти.
Седницата денес е закажана за 11:00 часот.
Минатиот четврток, претседателката Вјоса Османи одржа состанок со лидерите на партиите, но средбата заврши без конкретен резултат за излез од политичкиот ќор-сокак.
Партиите ПДК, ЛДК и ААК изјавија дека нема да ја поддржат кандидатурата на Хаџиу, додека Самоопределување соопшти дека нема намера да ја смени својата кандидатка.
По изборите на 9 февруари, Собранието на Косово сѐ уште не е конституирано, откако Самоопределување не успеа да обезбеди доволен број гласови за избор на претседател на законодавниот дом. Седниците се одржуваат на секои 48 часа, но досега не е постигнат кворум ниту консензус за гласање, што го блокира процесот на формирање нови институции.

