19.1 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Северна Македонија и Обединетото Кралство потпишаа договор за 5 милијарди фунти за инфраструктурни проекти

Северна Македонија и Обединетото Кралство во четврток потпишаа меѓувладин договор за соработка во вредност од пет милијарди фунти (околу 5,9 милијарди евра), наменет за финансирање на големи инфраструктурни проекти, во најголемата економска спогодба досега за земјата.

Договорот беше заверен во Лондон од заменик премиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за извоз и економски прашања Герет Томас.

„Стратешката соработка со Обединетото Кралство ја гледаме како клучна за подигање на Македонија на едно ново економско ниво,“ изјави Николоски, нагласувајќи дека средствата ќе бидат насочени кон транспортот, образованието, здравството, животната средина и информатичката технологија.

Пакетот поддржан преку инструментот за надворешно финансирање на Велика Британија (UKEF) ќе овозможи спроведување на неколку приоритетни проекти, меѓу кои изградба на брза железница по Коридорот 10, нови здравствени установи, како и нов Медицински факултет.

„Ова е најголемиот економски договор што нашата држава го има потпишано. Средствата се обезбедени, договорени и ќе бидат насочени во конкретни, мерливи проекти,“ рече Николоски.

Тој додаде дека земјата ќе го искористи и британското административно и бизнис искуство за унапредување на домашните капацитети.

Министерот Томас оцени дека договорот го зацврстува билатералното партнерство и е поттик за идната трговска и економска соработка. „Инвестициите во инфраструктурата се клучни за економски раст и подобрување на квалитетот на живот,“ изјави тој, нагласувајќи дека британски и македонски компании заеднички ќе работат на реализација на проектите.

Владата во Скопје го усвои текстот на договорот по средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.

Македонската делегација во Лондон ја предводи Николоски, а во неа се и првиот заменик премиер и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на ЈП Железничка Инфраструктура, Синиша Ивановски.

 

 

Related posts

Европа подготвува мисија за Ормус, и покрај противењето на Трамп

admin

Берлин: Повиците на Трамп за НАТО во Ормус „не се мандат на Алијансата“

admin

Животи висат на конец: Зошто Македонија сè уште нема доволно донори?

admin

Германија гледа странско саботирање како подготовка за војна во нов воен план

admin

Ги читаат ли македонските власти бугарските писма до САД?

admin

Ќе поефтини ли струјата после Нова Година?

admin