27.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Берлин: Повиците на Трамп за НАТО во Ормус „не се мандат на Алијансата“

Германската влада ги отфрли повиците на американскиот претседател Доналд Трамп НАТО да се вклучи во обезбедување на Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека конфликтот во регионот не е во надлежност на Алијансата.

„Оваа војна нема врска со НАТО. Ова не е војна на НАТО“, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус во Берлин, додавајќи дека Алијансата е одбранбен сојуз со јасно дефинирано територијално делување и дека не постои мандат за нејзино активирање во регионот.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул претходно исто така ги отфрли барањата за евентуален ангажман на НАТО во стратешки важниот теснец меѓу Иран и Арапскиот Полуостров. Говорејќи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел, тој рече дека Алијансата не може да преземе одговорност за Ормускиот Теснец.

„Доколку постоеше надлежност, НАТО органите би се занимавале со тоа“, изјави Вадефул.

Тој додаде дека ќе се залага за санкции насочени кон оние што стојат зад блокадата на Ормускиот Теснец, со цел Европската унија да испрати јасна порака на поддршка до партнерите во Персискиот Залив. Според дипломатски извори, можните мерки би можеле да ги опфатат и иранските безбедносни структури.

И германскиот министер за одбрана Борис Писториус се спротивстави на идејата за испраќање германски воени бродови во Ормускиот Теснец.

„Ова не е наша војна, ние не ја започнавме. Сакаме дипломатски решенија и брзо ставање крај на конфликтот, но дополнителни воени бродови во регионот најверојатно нема да придонесат за тоа“, изјави Писториус по средбата со својот летонски колега Андрис Шпрудс во Берлин.

Тој нагласи дека НАТО има обврска да го обезбеди сопственото сојузничко подрачје.

„Наша одговорност се источниот крило и Атлантикот. Тоа е нашиот приоритет. Сѐ друго може да се разгледува само во исклучителни случаи – или воопшто да не се разгледува“, рече Писториус.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно ги повика сојузниците од НАТО да помогнат во обезбедувањето на транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец, предупредувајќи дека Алијансата би можела да се соочи со „мрачна иднина“ доколку европските партнери одбијат да учествуваат.

Според безбедносни експерти, директен ангажман на НАТО во близина на Иран е малку веројатен, бидејќи Ормускиот Теснец не е дел од територијата на Алијансата и не може да се активира членот 5 од Северноатлантскиот договор. Потенцијална операција таму би се сметала за мисија „надвор од подрачјето“, што би барала едногласна согласност од сите членки на НАТО.

Related posts

Малеска: Се „печалат“ гласови со антиевропска реторика

admin

Почна одбројувањето: Кои министри ќе ја преживеат владината реконструкција?

admin

ЕУ: СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ПРЕРАНО ПОЧИНАТИ ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

ninja

КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ВО ЕП: ДЕЛУМНО ПРИЗНАНИЕ ОД ЕВА КАИЛИ

ninja

Крај за евтините нарачки: Од следната недела 18% ДДВ и за Тему и АлиЕкспрес

admin

Болка и гнев по трагедијата во Кочани

admin