Семејства на жртвите, државниот врв и граѓани оддадоа почит во Паркот на револуцијата; централната комеморација продолжува во Центарот за култура „Бели мугри“
Молитва за упокоените беше одржана во неделата во Паркот на револуцијата во Кочани во спомен на жртвите од трагедијата од минатата година, на настан на кој присуствуваа семејствата на загинатите, државниот врв и голем број граѓани.
Молитвата ја предводеше митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион, во сослужение на свештеници од кочанскиот храм „Св. великомаченик Ѓеорги“.
Меѓу присутните беа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, пратениците Павле Арсоски од ЗНАМ и Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Кочани, како и родителите и блиските на загинатите.
Во паркот беа поставени шеесет и три бели столчиња, секое со по една бела роза – симболичен спомен за животите што згаснаа во трагедијата. Покрај нив беше поставена и книга на жалост во која граѓаните оставаа пораки во знак на сеќавање.
Настанот, организиран од Општина Кочани и семејствата на жртвите, започна во 8:45 часот и претставува дел од програмата за одбележување на годишнината од трагедијата.
Подоцна во текот на денот, во Центарот за култура „Бели мугри“ се одржува централната комеморација „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, посветена на жртвите од трагичниот настан.

