Основното јавно обвинителство во Битола поднесе обвинение против десет лица, вклучително и три службеници од Бирото за јавни набавки, под сомнение за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што на државната компанија РЕК Битола ѝ нанеле штета од речиси 178 милиони денари.
Седум од обвинетите, меѓу кои и тројца членови на стручната комисија за евалуација на понуди, се товарат дека со незаконско исклучување на понуда од тендерската постапка овозможиле избор на понудувач со значително повисока цена. Обвинителството наведува дека фирмата, иако доставила докази за исполнување на условите, била елиминирана без законска основа.
Според наводите, комисијата за јавни набавки ја прифатила одлуката и поканила само два економски оператори со повисоки цени на електронска аукција. Директорот на РЕК Битола во октомври 2022 година потпишал договор со компанијата РУД-КОП во вредност од 708 милиони денари со ДДВ, а во септември 2023 година додал анекс од дополнителни 120 милиони денари, без соодветна финансиска анализа или обезбедени средства, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
Тројцата обвинети од Бирото за јавни набавки, пак, не утврдиле неправилности во постапката и му дале инструкции на договорниот орган да продолжи со тендерот, со што, според обвинителството, постапиле несовесно.
Јавниот обвинител доставил и предлог до Основниот суд Битола за одземање на противправно стекната имотна корист од 178.370.319 денари, исплатена на фирмата РУД-КОП. Средствата во моментов се замрзнати како дел од привремена мерка до донесување на судска одлука.