14.8 C
Скопје
9 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Има ли власта дигитрон да пресмета достоинствено работно време?

Работните часови на работниците на „Бехтел и Енка“ остануваат камен на сопнување меѓу синдикатите и власта. Првите тврдат дека работниците ќе работат по 72 часа неделно, надлежните велат такво нешто никаде не пишува.

Додека траат јавните конфронтации, синдикатите размислуваат и да излезат на протест ако не им се каже дали и за колку ќе бидат покачени платите на вработените во јавниот сектор. И покрај спротивставените гледишта,  овие две страни и Организацијата на работодавачи потпишаа Национална програма за достоинствена работа, за да можат заеднички да ги унапредат состојбите на пазарот на труд.

Фото: МТСП

 

Пишува: Вања Мицевска

Работникот нема доволно ни за да се прехрани и ситуацијата веќе е неиздржлива – алармираа повторно синдикатите. Во прилог на незавидната состојба говори и статистиката која покажува дека на едно четиричлено семејство во јануари годинава му биле потребни речиси 15.000 денари повеќе за да се прехрани за разлика од февруари ланската година.

Сојузот на синдикати пресмета дека минималната синдикална кошничка изнесува 50.909 денари или за десетина илјади денари повеќе од две минимални плати. Синдикалците се жалат дека достоинството на работникот е нападнато како со несоодветна плата, така и со несоодветно работно време. Дискусиите на оваа тема дополнително ги „подгреа“ изградбата на коридорите 8 и 10д, а работното време на работниците кои ги градат стана нов камен на сопнување меѓу синдикатите и власта.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска уверува дека новите законски измени ја гарантираат безбедноста на работниците на Бехтел и Енка и нигде не пишува оти ќе работат по 72 часа неделно.

„Тоа не го пишува во Законот, работното време за овие работници е 40 часа со дополнителни најмногу 8 часа во неделата за стратешки приоритети. Кога тоа го дозволуваат временските услови, се дозволува и  работа над овие 48 часа, но во законот никаде не пишува дека ќе работат 72 часа. Тоа зависи од временските услови, од процесот на работа и затоа треба да бидеме објективни. Законот предвидува да се почитува 12 часа дневна обврска на работникот да одмора и 12 часа плус 24 часа неделен одмор“, истакна ресорната министерка.

Таа потенцира дека измените на Законот за работни односи не значат овозможување на 72 часа работа.

„Тоа се однесува само на исклучителни проекти кои се стратешки за државата и не се однесува за сите работници. Со тоа што безбедноста и здравјето на работниците ќе биде гарантирана за секој еден работник без разлика дали е домашен или странски работник којшто ќе работи на Бехтел и Енка.  Тоа не значи работа од 72 часа во континуитет туку работа повеќе од дозволеното прекувремено работно време во исклучителни случаеви кога временските услови го дозволуваат тоа и кога работниот процес го бара тоа“, рече Тренчевска.

Синдикалците пак, контра неа – велат  среќни се што таа не е ниту синдикат ниту работник за да знае да пресмета.

„Задоволен сум од нејзината изјава кога кажа дека работникот ќе работи 12 часа дневно и ќе има 12 часа дневен одмор и 24 неделен одмор. Ние во Синдикатот колку што знаеме математика, 6 по 12 би дошло 72 часа, доколку имате дигитрон, можете да проверите. Се надевам дека и министерката има дигитрон на кој ќе провери дали 6 по 12 е 72 или 40 плус 8 часа и после ќе работат дополнителна прекувремена работа“, истакна првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој стравува дека со укинувањето на недела неработен ден, многу лесно може да се случи Државниот инспекторат за труд да не излезе на терен  и работниците да работат по 12 часа седум дена во неделата.

„Ние во изминатиот период поведовме иницијатива пред Уставен суд токму по ова прашање. На Уставен суд падна одредбата во основниот закон. Со поддршката од професорите и од меѓународните организации на трудот ќе ја поднесеме и новата иницијатива за оспорување на овие одредби кои се спротивни и на Устав и на конвенциите, директивите на ЕУ“, најави Трендафилов.

Барањето за зголемување на платите од 14 отсто ги подели синдикалците и надлежните

Но за синдикатите не е проблем само работното време на градежните работници, кое го оценуваат како недостоинствено. Тие инсистираат надлежните конечно да кажат и каков ќе биде коефициентот за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, кои досега повеќе пати протестираа за да издејствуваат покачување.

Не ја исклучуваат ниту можноста за нов протест бидејќи и покрај минималните исчекори во социјалниот дијалог, останува раздинетоста околу процентот за зголемување на платите кој го предлагаат синдикатите.

„Ќе мораме како синдикат малку похрабро, сега ситуацијата е крајно сериозна. До 2028 година Македонија ќе остане празна, за кого ќе важи новата методологија? Работникот нема да се прехрани. Ова е неиздржливо. Нека кажат, работникот оваа година ќе земе толку посто и сите да си пресметаме колку ќе земеме, ние со формули не смееме да излеземе, тука се мајстори да нè изиграат. Доста е со формули, мора да кажат колкава плата ќе земе работникот и најверојатно ќе следат протести“, изјави Марјан Ристески од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Сојузот на синдикати на Македонија предлага три решенија со кои би се постигнало покачување на платите на вработените во јавниот сектор и сите три им ги предочиле на надлежните на средбата која се одржа во Владата во понеделникот. Синдикатите на средбата побарале и функционерите да се откажат од зголемувањето од 78 проценти, а со намалувањето на нивните плати да се зголемат оние на останатите вработени.

Трендафилов од ССМ вели дека првото решение е работниците во јавниот сектор да добијат покачување од 14, 2 проценти согласно порастот на трошоците за живот. Вториот предлог е платите да бидат покачени за 12,55 отсто колку што е растот на минималната плата. Последната опција пак, е вработените во јавниот сектор да добијат покачување од 10 процени бидејќи исто толку е и растот на просечната плата.

„Но, да потсетам, доколку функционерите утре се откажат од нивните 78 проценти зголемени плати, секој вработен во јавниот сектор би добил по 1500 денари во нето на неговата сметка ако тие пари се трансферираат во плати на вработените во јавниот сектор. Сметаме дека треба да бидат  солидарни во овој момент. Ние преговараме за општ колективен договор  за јавен сектор три години и дојде времето кога треба тоа да го договориме“, истакна Трендафилов.

Министерката Тренчевска сепак негира дека станало збор за зголемување од 14 отсто, а слична реакција имаше и вицепремиерот Фатмир Битиќи.

„Досега не се разговараше за покачување од 14 отсто туку за систем на плати кој ќе одговара на сите. Да не заборавиме дека платите на дел од државните службеници беа зголемени во март за 2175 денари. Сега во моментот се разговара во рамите на Економско-социјалниот совет да се најде системско решение кој ќе биде во ред и за синдикатите и за работодавачите“, истакна Тренчевска која одбегна да одговори на новинарско прашање дали таа би се откажала од зголемувањето од 78 проценти.

И покрај јавните конфронтации – синдикатите, власта, но и работодавачите планираат заеднички да ги унапредат состојбите на домашниот пазар на труд. На ова се обврзаа преку потпишување на Националната програма за достоинствена работа 2023-2025 со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Документот за кој се очекува дека ќе го унапреди социјалниот дијалог во државава се базира на три приоритети – креирање повеќе и подобри работни места, подобрени изгледи за вработување на младите, како и инклузивен пазар на труд.

Министерката Тренчевска тврди дека е подобрен дијалогот и со синдикатите и со работодавачите, но очекува Националната програма за достоинствена работа да му даде поголема динамика на економскиот развој.

„И покрај големите предизвици со кои се соочи целата земја, нејзините граѓани и економијата, поврзани со влијанието на пандемијата, војната во Украина и енергетската криза, сепак успеавме да направиме сериозен исчекор во унапредување на трипартитниот социјален дијалог со синдикатите и организациите на работодавачи, особено во рамки на Економско-социјалниот совет. Благодарение на ваквата соработка се донесоа одлуки кои имаа значително влијание врз обликувањето на националните економски и социјални политики. Крајните ефекти од ваквите одлуки и политики, особено врз намалувањето на невработеноста и зголемувањето на минималната и просечната плата, несомнено се резултат и на посветеноста и волјата за соработка на сите социјални партнери“, изјави Тренчевска.

Националната програма за достоинствена работа како решение за премостување на предизвиците на работодавачите и работниците

Претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајковска очекува преку овој документ да се решат клучните прашања и предизвици во време кога државата кубури со работници.

„Очекуваме преку Програмата да се решат клучни прашања и предизвици, како што се недоволна можност за вработување, непродуктивна работа, недостиг на стабилност и безбедност на работа, надминување на предизвиците поврзани со реформи на трудовото право, социјален дијалог и невработливост“, истакна Трајковска.

Според неа, клучните приоритети во Програмата се инклузивен пазар на труд и подобрен изглед за вработување на младите лица:

„Во време кога се соочуваме со голем недостиг на работна сила, преку овие приоритети треба да поставиме мерки за тоа како да се постапи и како лицата кои се водат како невработени да бидат дел од системот. Подготвени сме да работиме на новите цели кои ќе придонесат за напредок на нашата држава“, додаде Трајковска.

Додека компаниите тешко наоѓаат работници, младите сè почесто се одлучуваат на напуштање на државата. Синдикатите причината за тоа ја гледаат во како што велат, нападнатата безбедност на работникот на неговото работно место.

Токму затоа, претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски се надева дека потпишувањето на Програмата нема да биде само декларативно.

„Достоинствената работа во Македонија беше нападната, беше нападнат работникот и неговата безбедност на работното место. Затоа сме сведоци на големо иселување од државата. Во овој период се прекршија основните конвенции на Меѓународната организација на трудот за слобода на синдикалното организирање и имаше обид за напад на колективните договори“, рече Ралповски.

Тој апелираше работникот да биде заштитен и да не стане „топовско месо“.

„Затоа што знаеме, особено во градежништвото, дека прекувремената работа е голем причинител за смртни случаи и повреди на работни места“, додаде Ралповски и на претставниците на МОТ им порача дека добро е што се тука, за да реагираат и да го заштитат работникот.

Директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Маркус Пилграм забележува дека државава од независноста досега успеала да го подобри животниот стандард на граѓаните, но сепак има бавни конвергенции на приходите со ЕУ во споредба со другите земји од Западен Балкан.

„Подобреното учество на пазарот на трудот ќе биде од клучно значење за да се постигне нивото на ЕУ. Поддршката на МОТ има за цел да создаде повеќе можности за вработување, особено за младите, да ја зголеми продуктивноста и платите, да се бори против дискриминацијата, како и со насилството и вознемирувањето на работното место и да го зајакне гласот на социјалните партнери“, порача Пилграм.

Без достоинствено работно време, не може да постои достоинствена работа – реагираат синдикатите

Од Сојузот на синдикати на Македонија нагласија дека достоинствената работа е дел од главните столбови на една држава и затоа социјалниот дијалог треба да биде главна алатка за изнаоѓање решенија за проблемите.

„За жал не можеме да не прокоментираме дека достоинствената работа, достоинствената плата и работно време се главните столбови на една држава.  Во услови кога потребно е работниците да работат во достоинствено работно време, денес достоинственото работно време во Македонија е нападнато со 72 часовна работна недела за изградба на коридорите кои според Владата се од стратешки интерес“, истакна при потпишувањето на Програмата, новиот претседател на ССМ, Слободан Трендафилов.

Целите кои земјава треба да ги постигне со новата Национална стратегија за достоинствена работа се совпаѓаат и со оние за одржлив развој утврдени во Стратегијата на Обединетите нации за периодот од 2021 до 2025 година. Оттука, од ООН веруваат дека Програмата ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на сите луѓе земјава, преку еднаков пристап до достоинствена работа и иновативен деловен екосистем.

Новата Национална програма за достоинствена работа инаку, се надоврзува и ги поддржува националните развојни приоритети утврдени во Националната стратегија за вработување 2021-2027, Програмата за економски реформи 2023-2025, Планот за спроведување на Гаранцијата за млади 2023-2026 и Акцискиот план на Економско-социјалниот совет 2023-2025 година.

 

Related posts

Харис во Варшава најави нова хуманитарна помош за Украина; преговорите во Турција не донесоа напредок

ninja

Москва е нападната, итна евакуација на населението

admin

ПУТИН:„НЕ БЛЕФИРАМ“, ЗАПАДОТ: БЛЕФИРАШ

admin

ЕСКОБАР: БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ТРЕБА ДА ЈА ВОДАТ ДОМАШНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

ninja

ФИДЕШ на Орбан ќе ја подготвува ВМРО-ДПМНЕ за победа на парламентарните избори во 2024

admin

РУСИЈА НЕ Е ЦЕЛОСНО ИЗОЛИРАНА НА САМИТОТ НА Г20

ninja