Одложувањето на гласањето за извештајот за напредокот на Северна Македонија во Европскиот парламент е дипломатска победа за Скопје, изјави политичкиот аналитичар Џелал Незири, оценувајќи дека темата со Бугарија е вратена на европската агенда. Сепак, тој предупреди дека времето работи во корист на Софија.
„Ако го ставиме во дипломатски контекст, одложувањето е победа за македонската дипломатија затоа што го врати прашањето со Бугарија на европската маса и обезбеди изјави од високи претставници на ЕУ кои повикуваат на нови преговори“, рече Незири за емисијата 24 анализа. „Досега немаше дебата затоа што Бугарија беше комотно со тоа што одговорноста беше на македонска страна. Но, блокадата ѝ оди во прилог на Бугарија – особено имајќи ги предвид бројките на македонски државјани со бугарски пасоши. Времето работи за нив, не за нас.“
Незири ја поздрави улогата на европратеникот Андреас Вајц, нарекувајќи го „голем пријател на државата и неформален лобист за Македонија во ЕУ“, додавајќи дека тој „ги познава добро состојбите на Балканот“.
Новинарот Столе Наумов, исто така во 24 анализа, рече дека Северна Македонија мора да го откочи евроинтеграцискиот процес, предупредувајќи на опасноста од „политичка летаргија“.
„Не смееме да спиеме на уво со тезата ‘Калимеро – нема правда’. Бугарија напредува – ќе влезе и во еврозоната и Шенген – а ние чекаме. Некој впечаток треба да се обезбеди за Мицкоски. Тој може да го претстави тоа како историски успех,“ рече Наумов, алудирајќи на потребата власта да покаже напредок.
Тој додаде дека државата доцни со интеграциите: „Три децении чекаме. Прашањето за името можеше порано да се реши. Секој пропуштен момент е пораз. Чекор напред носи нови предизвици, но и нови можности.“
Политичкиот аналитичар Александар Ристевски рече дека македонската фрустрација произлегува од недовербата во Европската унија, а не толку од позициите на Бугарија и Грција.
„Знаеме што да очекуваме и од Бугарија и од Грција. Но нè фрустрира тоа што ЕУ нè лаже. Затоа бараме гаранции дека нема да има нови услови. Сè што беше побарано од нас – го исполнивме, а барањата беа речиси невозможни“, рече тој.
Ристевски смета дека единствениот начин да се реши „македонското прашање“ е преку членство во ЕУ.
„Јас сум поборник дека единственото решавање на македонското прашање е преку ЕУ, бидејќи половина од моите етнички браќа се таму – во Албанија, Грција, дел и асимилирани. Треба да ја доведеме државата во позиција каде што ќе има реална основа за влез,“ додаде Ристевски.