24.8 C
Скопје
9 јули, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Владин отчет: Поставени столбовите што ќе ја крепат иднината

Уривање на системот на бандитизам создаден од политички и бизнис структури ќе биде најголем предизвик во следниот период, најави премиерот по отчетот за првата година од мандатот на Владата

Оваа година беше само почеток – почеток на стабилизација и консолидација после седум години на проблеми и уништувања, на разочарувања, изневерени очекувања и изгубена надеж. Чекор по чекор ги поставуваме темелите и времето на Македонија допрва доаѓа.

Ова беше пораката на премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по првата година од мандатот на Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.

„Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината. Ги засиливме носечките што ќе ја држат оваа земја исправена и горда“, порача премиерот.

Изминатата ја опиша како година на напорна работа, на враќање на довербата, на консолидација и стабилизација кои ќе поттикнат развој и ќе донесат раст или како што се изрази симболично – денеска се сее, за утре да се жнеат плодовите од таа работа.

„Во секој од овие изминати 365 дена, во ниту еден момент не заборавивме со каква чест располагаме и каква одговорност имаме да не ги разочараме македонските граѓани“, рече премиерот.

Историско најголемо ниво на странски инвестиции

Во обраќањето Мицкоски наведе податоци за сите сфери во кои биле поставени темелите на тие промени, посочувајќи дека економијата била најглавен фокус во борбата за подобар живот.

Македонскиот премиер Христијан Мицковски говори на прес-конференција
Оваа година беше само почеток – почеток на стабилизација и консолидација, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод првата година од мандатот на ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Потсети на обезбедените 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти, раст на БДП од 3,2% во првиот квартал од 2025 година, за првпат по 7 години и намалување на јавниот долг (заклучно со март годинава) за 4,7 процентни поени во однос на БДП, буџетски дефицит намален на 4% од БДП, целосно отплатена Еврообврзница издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра, обезбедени повисоки плати во администрација, здравство, образованието и полицијата.

„Постигнавме рекордно историско најголемо ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што ќе каже дека имаме најголем број на странски директни инвестиции по глава на жител во овој дел од Европа”, наведе премиерот.

Потсети и на склучениот Договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство врз основа на кој треба да се оствари соработка под ултра поволни услови за изградба на брза пруга на Коридор 10, изградба на болници и енергетски проекти од капитално значење за иднината на државата.

СДСМ не гледа резултати

Опозициската СДСМ обраќањето на премиерот го проследи со серија соопштенија во кои тврди дека резултатите на Влада се нула.

„Во услови на ваква социјална и економска криза, Мицкоски тврди дека долгот бил намален. Но фактите говорат спротивно – само за една година, Македонија потпиша нови задолжувања од 7 милијарди евра, а најавени се уште 700 милиони за наредната година. Тоа значи дека за две години, долгот ќе достигне 12 милијарди евра – тројно повеќе од вкупниот акумулиран долг на државата во изминатите 35 години“, наведуваат од СДСМ.

Оттаму велат дека е „срамота е премиерот да се фали со, ни помалку ни повеќе – 887 проекти кои никој се уште ги нема видено”.

Насобрани луѓе пред седиштето на партијата СДСМ во Скопје
Опозициската СДСМ тврди дека резултатите на Владата во првата година од мандатот се нулаФотографија: Petr Stojanovski

Она што Мицкоски го наведе, е дека „има огромен интерес на вториот јавен повик – 887 проекти во 80 општини се во фаза на евалуација“. Станува збор за повик на Министерството за локална самоуправа со кој тече проектот за капитални градби по општините.

Премиерот наведе дека биле реализирани или отпочнати над 250 поголеми проекти и дека за повеќе од 3 пати ќе се зголеми бројот на проекти за следната година.

„Веќе вклучуваме во петта па шеста брзина и очекувам максималната посветеност во исполнување на програмата. Очекувам преку 400 проекти во наредниот период“, најави Мицкоски.

Најголем влог во образованието досега

Што се однесува до инфраструктурата, за една година била обезбедена градба на 225 инфраструктурни проекти во прва фаза во висина од 3 милијарди денари и 615 инфраструктурни проекти во втора фаза во висина од речиси 7 милијарди денари. Од нула функционални локомотиви за само три месеци од мандатот на Владата биле ставиле во употреба 11, воведени се 11 нови авиолинии од двата аеродроми, а во тек е набавка на 120 нови автобуси.

Свечена прес-конференција на македонската Влада пред нејзиното седиште во Скопје по повод едногодишната работа
„Веќе вклучуваме во петта па шеста брзина“, порача македонскиот премиер на свеченоста за владиниот отчет по едногодишната работа Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Доделени се над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија, а со активни програми и мерки за вработување со вредност од 40 милиони евра се опфатени над 16.000 млади и невработени. Отворена е постапка за вработување на 600 млади специјализанти во здравството, а за помалку од 9 месеци се зголемени пензиите за 5 илјади денари на над 300 илјади пензионери. Во корпусот резултати се и повеќе од 10 реновирани здравствени објекти, набавка на современа медицинска опрема, изградени 7 нови училишни и реконструирани 20 училишни објекти, одблокирање на изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, како и најголемот влог во образованието досега – 38 милијарди денари за 2025 година.

„Обезбедивме и 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година“, рече премиерот.

Најтешкиот ден

Во синоќешното обраќање Мицкоски рече дека неговиот најтежок ден како претседател на Владата, била несреќата во Кочани.

„Таа несреќа, колку и да се трудат политички да ја злоупотребат е последица на со години руинираниот систем кој беше уништуван и дезавуиран. Јас не можев тоа да го спречам, но ќе направам се тоа да не се повтори. Од првиот ден испративме реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи мора да биде одговорност. И денес стојам на истиот став, а обвинителството е на тест да докаже вистина, и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека работиме како Влада да обезбедување историски највисок инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани“, најави премиерот.

„Не можам да отворам шише, ниту да држам лажица“

Истакна дека е отворена силна борба против криминалот и оние кои порано се сметале за недопирливи, како и по нарко-бандите.

„Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судството и обвинителство кое сега го немаме. Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата од страна на обвинителите и судиите и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирала тој систем против кој сакаме да се бориме (…) Тоа мора да биде прва работа која ќе не води – да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики, туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде нашиот најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата”, најави Мицкоски. /DW

Related posts

Таравари со пратеник помалку, Салим Сулејмани поднесе оставка од сите партиски функции и од Собранието

admin

Фон дер Лајен завршува 100 дена: Што вети а што оствари?

admin

Кампања пред кампања – полни усти (не)реални ветувања

admin

ФЗО: Македонија има капацитет за третман и рехабилитација на повредените од трагедијата во Кочани

admin

Има ли надеж за забрзана интеграција со новиот пристап за проширување на ЕУ?

admin

Повторно забележан Кинески “метеоролошки” балон

admin