Министерството за надворешни работи на Северна Македонија покренува судска постапка во Зимбабве за враќање во сопственост на резиденцијалниот објект во Хараре, кој ѝ припаѓа на државата преку сукцесија на дипломатскиот имот на поранешната СФРЈ, но моментално е нелегално населен од непознати лица.
Имотот, лоциран на адресата „41 Argyle Drive, Highlands, Harare“, беше официјално впишан како сопственост на Северна Македонија во катастарот на главниот град на Зимбабве во јуни 2022 година, по решението на Заедничкиот комитет за сукцесија од 2019 година.
Но, во втората половина на 2022 година, неидентификувани лица насилно влегле и се вселиле во објектот, по што државата поднела пријава до локалната полиција, информира Министерството за надворешни работи за Радио Слободна Европа. И покрај наредбата за иселување во рок од еден месец, објектот сè уште не е ослободен.
„Судската постапка е неопходна, бидејќи досегашните институционални мерки не дадоа резултат,“ наведуваат од МНР.
Владата на Северна Македонија, на седница во јуни, донела одлука да ангажира адвокат за застапување на државата во судскиот процес во Хараре и да овласти претставник од МНР за давање изјава потребна во постапката.
Претходната влада во 2020 година разгледувала можност за продажба или размена на имотот, а во 2021 година, тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека веќе е започната постапка за негова продажба, бидејќи Северна Македонија нема дипломатско претставништво во Зимбабве.
Во замена, државата добила земјиште во дипломатскиот кварт на Анкара, каде што планира изградба на нова амбасада во соработка со други држави.
Случајот со Хараре не е изолиран. Во октомври 2023 година, објект во Брисел, кој согласно договорот за сукцесија ѝ припаднал на Северна Македонија и Хрватска, беше окупиран од десетици мигранти од Конго. По интервенција на белгиските власти, објектот беше ослободен по еден месец.
Северна Македонија е една од државите наследнички на поранешната Југославија која сè уште се соочува со нерешени имотни прашања од процесот на сукцесија. Од вкупно 123 недвижности низ светот, распределбата е сè уште отворена за околу 20 дипломатско-конзуларни објекти.