25.8 C
Скопје
16 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Една изборна единица повторно на маса, ВМРО-ДПМНЕ со услов

Демократскиот сојуз (ДС) и Либерално-демократската партија (ЛДП) предложија измени на Изборниот законик со кои Македонија би станала една изборна единица. Според партиите, предложените измени ќе овозможат поголема демократија и правична застапеност во Собранието.

Павле Трајанов, лидер на ДС, изјави дека „една изборна единица ќе го демонтира еднопартискиот систем и ќе ја зголеми одговорноста на институциите“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е подготвена да ја поддржи иницијативата, под услов право на глас да добие и дијаспората. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „нема пречка оваа промена да се спроведе пред следните избори, доколку се обезбедат технички услови во дипломатско-конзуларните претставништва“.

Што предвидува предлогот

Според иницијативата, би се задржал пропорционалниот модел, но без изборен праг, а распределбата на мандатите би се вршела според Донтовиот метод. Трајанов додава дека „со предлогот се овозможува самостоен настап на помали етнички партии и обезбедување пратенички места ако го добијат потребниот број гласови“.

Во однос на отворените листи, ДС предлага нивно пилотно воведување на наредните локални избори, и тоа само во неколку општини, меѓу кои Центар, Струга и Гевгелија.

ЛДП, пак, најави дополнителна иницијатива за една изборна единица, отворени листи и вклучување на предлози од граѓанскиот сектор за независни листи. Од партијата порачуваат дека „новиот изборен модел мора да обезбеди еднаквост на гласот и поголема отчетност на избраните претставници“.

Повторена иницијатива

Предлогот за една изборна единица не е нов. Идејата се актуализира речиси пред секои избори, но досега без политички консензус. Последната иницијатива, поднесена во 2022 година, не беше поддржана од СДСМ и ДУИ.

Дискусијата за изборниот модел најмногу ја водат помалите партии. Тие сметаат дека една изборна единица без изборен праг ќе придонесе за поголем плурализам и вклучување на помалите политички субјекти, наспроти досегашната доминација на двете најголеми партии.

Сепак, според Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, изборниот модел не е доволен сам по себе за демократизација на државата. Анализа од 2023 година предупредува дека проблемите лежат подлабоко – во клиентелизмот и ниското ниво на политичка култура – и дека промени во моделот би можеле да донесат и негативни последици доколку не се спроведат внимателно.

Related posts

ВИДЕО / Мицковски го доби мандатот: Денеска ќе биде составена новата влада

admin

Мирно по жестоките судири во Косово, НАТО распоредува дополнителни сили

admin

Радев ги почна консултациите за мандатар за нова влада во Бугарија

ninja

ДУИ реагира на изјавата на премиерот Мицкоски

admin

Граѓаните не веруваат дека нивната приватност е заштитена: Македонија потклекна со безбедносните реформи

admin

Ирскиот премиер во Скопје порача дека зачленувањето во ЕУ е државна цел

admin