27.8 C
Скопје
14 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Зошто големите корупциски случаи остануваат без судски епилог?

И покрај сериозните обвинувања за корупција во изминатите години, малкумина од обвинетите во големи случаи се соочија со казни. Судските постапки траат долго, дел од нив застаруваат, а дел од осомничените ја напуштаат државата, се вели анализата на Радио Слободна Европа.

Случаи поврзани со сомнителни набавки на мазут, увоз на јаглен и градежни дивоградби ретко добиваат разврска. Истовремено, политичките партии продолжуваат со меѓусебни обвинувања.

Судбината на СЈО и падот на довербата

Специјалното јавно обвинителство, формирано по политичката криза во 2015 година, беше укинато по откритијата за корупција во неговите редови. Поранешната шефица Катица Јанева беше осудена, но многу од предметите останаа без правна завршница.

Екс-премиерот Никола Груевски, обвинет во неколку случаи, избега од земјата во 2018 година. Други високи функционери, како поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, беа обвинети, но дел од постапките против нив беа прекинати поради застареност.

Нови обвиненија, стари практики

По изборите во 2024 година, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ најави борба против криминал и корупција. Обвиненија беа упатени кон поранешни функционери од СДСМ и ДУИ, вклучително и кон поранешниот премиер Зоран Заев и министерот Артан Груби.

Обвинителството отвори предистражна постапка за фирма поврзана со семејството Заеви, која добивала тендери за увоз на јаглен. Министерството за внатрешни работи потврди дека се испитуваат и сомнежи за злоупотреби при јавни набавки и управување со енергетскиот сектор.

Осомничени надвор од државата

Сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, осомничен за увоз на отровен мазут, накратко беше приведен, а потоа пуштен да се брани од слобода. Според податоци на граничната полиција, тој ја напуштил државата.

И Груби и Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ, не се појавуваат јавно. Обвинителството не потврдува дали се повикани на распит или дали им е одредена мерка за обезбедување присуство.

Истражувачки стории без институционален одговор

Медиумите редовно објавуваат податоци за сомнителни тендери и договори. ИРЛ објави дека девет милиони евра завршиле кај фирма поврзана со братот на Заев. Радио Слободна Европа објави за доделување на договори од Државната лотарија без транспарентна постапка.

Во двата случаи, институциите реагираа откако веста веќе беше објавена.

Политичка калкулација пред владеење на правото

И покрај изнесените сомнежи, политичките партии ретко се откажуваат од своите коалициски партнери. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, изјави дека нема исклучувања за нова коалиција со ДУИ на следните избори. Премиерот Христијан Мицкоски не ја коментираше улогата на коалицискиот партнер ВРЕДИ во случајот со урбанистичките зделки во Чаир.

Правните последици за осомничените сè уште се неизвесни. Меѓу јавноста расте недовербата во институциите, додека аналитичарите предупредуваат дека без правна одговорност, ќе продолжи падот на довербата во правниот систем.

 

 

 

 

Related posts

НАЈСКАПИОТ КИЛОМЕТАР ОД КОРИДОРИТЕ 8 И 10-Д ЌЕ ИЗНЕСУВА 18, 4 МИЛИОНИ ЕВРА

ninja

Бесплатни карти за патување на младите низ ЕУ

admin

НОВ ШЕФ НА ВИШОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ СЕ БИРА ИДНИОТ ПОНЕДЕЛНИК

ninja

МИНИСТРИТЕ ОД ЕУ ДОГОВОРИЈА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ГАСОТ

ninja

Во Тетово и Гостивар дополнително полициско присуство на изборите

admin

Тешки судири меѓу Израел и Хамас во Кан Јунис

admin