Владата на Северна Македонија во четвртокот соопшти дека жали за впечатокот што го добиле некои од родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и повика да не се прави сензација од, како што рече, средба наменета за поддршка и сочувство.
Реакцијата следува откако Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“ објави дека премиерот Христијан Мицкоски на средбата одржана на 7 јули им рекол на родителите „да си одредат цена за нивните деца“, во контекст на барање за еднократна парична помош за душевна болка.
Владата ги отфрли ваквите тврдења како неточни и оцени дека се работи за „злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагедијата“.
„Средбата беше втора по ред со семејствата. Премиерот изрази лично сочувство до сите присутни и презеде иницијативи кои од етички причини не сакаме да ги изнесуваме во јавност. Сведување на разговорот на фрази како ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ е навредливо и погрешно ја претставува суштината“, стои во владиното соопштение.
Од Владата додаваат дека ќе продолжат да стојат на располагање за семејствата „во сè што им е потребно“, дури и кога постојат разлики во ставовите.
Претходно, преку објава на Фејсбук, родителите го обвинија премиерот дека на средбата во Скопје ги навредил, според нив, изедначувајќи го нивното барање со предлог на опозицискиот СДСМ и додавајќи дека тие не ја одредиле „цената“ за своите деца.
Родителите претходно испратиле барање и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тие побарале средбата да се одржи во Кочани, но од Кабинетот на премиерот им било одговорено дека поради безбедносни причини состанокот може да се одржи само во Скопје.

