Кинеското министерство за надворешни работи го обвини американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, за поттикнување поделби и провокации во Азија, поради неговиот говор на безбедносниот форум „Шангри-Ла дијалог“ во Сингапур.
Хегсет, во саботата, изјави дека Кина „веројатно се подготвува да употреби воена сила за да го смени балансот на моќ во Индо-Пацификот“ и ја предупреди публиката дека инвазија врз Тајван би можела да биде „реален и непосреден ризик“.
„Не треба да го разубавуваме тоа. Заканата од Кина е реална, и може да биде итна“, рече Хегсет, повикувајќи ги азиските земји да ги зголемат своите трошоци за одбрана.
Кинеското МНР одговори во неделата, нарекувајќи го говорот „исполнет со провокации и насочен кон создавање поделби“.
„Хегсет намерно ги игнорираше повиците за мир и развој од земјите во регионот, промовираше логика на Студена војна, ја оцрни Кина со клевети и лажно ја нарече ‘закана’“, се вели во соопштението.
Кина остро ги осуди изјавите и поднесе протест до САД.
Во соопштението исто така се негираше тврдењето дека Кина има хегемонистички амбиции, посочувајќи дека токму САД се „главниот фактор што ја поткопува стабилноста во регионот“.
Кинеските власти го обвинија Хегсет дека „си игра со оган“ во врска со прашањето за Тајван. Комунистичката партија на Кина го смета Тајван за кинеска провинција, додека тајванската влада и мнозинството од граѓаните го отфрлаат тоа.
Австралискиот министер за одбрана, Ричард Марлс, ги отфрли кинеските критики, наведувајќи дека Кина спроведува најголемо зголемување на воениот капацитет по Втората светска војна.
„Тоа е еден од главните фактори на стратегиската комплексност со која се соочува регионот“, изјави Марлс, додавајќи дека Австралија работи со САД и Филипините за зачувување на поредокот заснован на правила, вклучително и слободата на пловидба.
Иако САД не се потписничка на Конвенцијата на ОН за морско право, често спроведува мисии за слобода на навигација.
Годинешниот „Шангри-Ла дијалог“ собра лидери, министри за одбрана и воени претставници од целиот свет. Кина испрати помала делегација, предводена од заменик-претседател на Националниот универзитет за одбрана, контраадмирал Ху Гангфенг.
Ху ја обвини западната реторика за „провокации и поделби“, велејќи дека некои земји под изговор на слобода на навигација го нарушуваат територијалниот суверенитет и ги поддржуваат „сепаратистичките сили на Тајван“.
Министерот за одбрана на Сингапур, Чан Чун Синг, изјави дека е клучно Кина и остатокот од светот да се разберат меѓусебно, предупредувајќи на опасноста од погрешни проценки и недоразбирања.