По одложувањето на гласањето за резолуцијата за Македонија во Европскиот парламент, во Скопје следуваат различни толкувања, додека Софија засега останува без официјална реакција. Денеска бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека Бугарија нема, ниту може да постави дополнителни услови за европскиот пат на Македонија.
„Немаме и не можеме да имаме дополнителни барања за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ова е потврда на нашата доследност и одговор на загриженоста на нашите партнери од другата страна на границата дека по уставните измени, Бугарија би поставила нови услови. Тоа не било, не е и нема да биде случај“, рече Георгиев.
Изјавата се коси со неговите пораки од пред два месеца, кога рече дека уставните измени и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не се единствен услов за Македонија.
Гласањето за извештајот на европратеникот Томас Вајц беше одложено во последен момент, иако тој изрази цврста поддршка за содржината на документот. Вајц соопшти дека привремено се повлекува за да даде шанса на бугарските европратеници, кои го обвинија дека соработувал со македонски претставници и влијаел врз наративот на извештајот.
Од македонската влада велат дека одложувањето не зависи од нив и изразија очекување извештајот да биде изгласан без измени.
„Остануваме на ставот дека документот треба да биде усвоен како што е предложен“, соопштија од владата.
Опозициската СДСМ, пак, го оцени одложувањето како уште еден дипломатски пораз на актуелната влада. Партијата соопшти дека таа обезбедила поддршка од сестринските партии во европската ПЕС, додека, како што наведоа, ВМРО-ДПМНЕ останала без поддршка од своите партнери.
Дел од европратениците застанаа зад Вајц и го обвинија бугарскиот дел од парламентот за оркестрирана кампања полна со инсинуации, чија цел била само да се одложи изгласувањето на извештајот за Македонија.