30.1 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Македонија се подготвува за екстремен топлотен бран, се очекува прогласување кризна состојба

Македонија се соочува со невообичаено високи температури оваа недела, при што се очекува Владата да прогласи кризна состојба поради опасност по здравјето на населението. Топлотниот бран ќе биде прв сериозен тест за новиот Акциски план за заштита од екстремна жештина, донесен за периодот 2025–2030 година.

Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), дневните температури ќе достигнат до 40 степени Целзиусови во некои региони, вклучувајќи го и главниот град Скопје. Властите предупредуваат на „катастрофално“ ниво на топлотна опасност, според класификацијата наведена во акцискиот документ.

„На Министерството за здравство веќе му е доставена официјална информација дека следуваат денови со температури кои одговараат на портокалово и црвено ниво на опасност“, изјавија од УХМР за Плусинфо.

Според податоците, утре се очекува температура до 38 степени, во Скопје до 37, додека од среда следува уште поекстремен пораст со максимум до 40 степени во четврток. Во петок попладне се предвидува локална нестабилност со краткотраен дожд и грмежи, по што викендот ќе донесе благ пад на температурите и засилен северен ветер.

Акцискиот план, подготвен од Институтот за јавно здравје, предвидува низа координирани мерки од страна на институциите, меѓу кои Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Институтот за медицина на трудот, УХМР и повеќе ресорни министерства.

Планот го дефинира топлотниот бран како период од најмалку два последователни дена кога се надминуваат регионално утврдени температурни прагови. Територијата е поделена на осум региони, со одделни температурни прагови за жолто, портокалово и црвено ниво на ризик за месеците јуни, јули и август.

На пример, за Скопје во јуни, црвеното ниво започнува на 37 степени, за Гевгелија и Демир Капија на 38, додека за Охрид и Берово опасноста се прогласува и при температури над 32 степени. Во планинските региони како Маврово и Лазарополе, прагот е дури и понизок – 29, односно 28 степени.

Согласно процедурите, УХМР е одговорна за иницирање на прогласување кризна состојба со доставување официјално известување до Министерството за здравство. Доколку надлежните институции ја потврдат проценката, Владата може да активира дополнителни мерки за заштита на ранливите категории, вклучително и отворање на центри за ладење и ограничување на одредени активности на отворено.

Експертите предупредуваат дека жештините може сериозно да го загрозат здравјето, особено кај постарите лица, децата и хронично болните, и апелираат граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце, да пијат доволно течности и да ги следат официјалните препоракa.

Related posts

Честитки од ЕУ, ОАЕ и Израел до Северна Македонија по повод Денот на независноста

admin

Арбен Таравари: Косово може да стане искра за глобален конфликт ако дипломатијата потфрли

admin

Да се укинат патните трошоци за пратениците – Ветување коешто „најлесно“ се заборава

admin

Министерот за економија најави ригорозни мерки против трговци со неосновано високи цени

admin

Владата балансира околу балансерот

admin

Мицкоски повикува иселениците да се вратат во Македонија

admin