Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реис ул-улема ефенди Шаќир Фетаи, во пораката по повод празникот Курбан Бајрам повика на духовно обновување, солидарност и почит кон верските вредности.
„Курбан Бајрам е празник кој содржи божествени пораки, инспирира верници за љубов и посветеност кон Семоќниот Алах, и ги поттикнува на жртва, милосрдие и духовна возвишеност,“ наведе Фетаи во пораката.
Тој истакна дека празникот се одбележува во деновите кога бил објавен славниот Куран, кога се извршува аџилак – петтиот исламски столб, и кога верниците принесуваат курбан како чин на побожност и благодарност.
„Курбан Бајрам е симбол на верата, подготвеноста за жртва и духовна дисциплина. Потсетува на примерот на пророкот Ибрахим, кој бил подготвен да го жртвува својот син Исмаил во знак на покорност кон Алах,“ рече Фетаи, додавајќи дека празникот ги поттикнува верниците да делат од најскапоценото со другите.
Поглаварот на ИВЗ нагласи дека Курбан Бајрам не е само ден за славење, туку можност за зајакнување на социјалната кохезија, за помош на сиромашните и немоќните, и за негување на мирот, љубовта и заедништвото.
„Празникот треба да биде поттик за повисока побожност, која е извор на сето добро во личниот, семејниот и општествениот живот,“ рече тој, цитирајќи дел од Куранот: „До Алах не стигнува ниту нивното месо, ниту нивната крв, туку до Него стигнува вашата побожност.“
Во контекст на современите предизвици, Фетаи повика на работа за надминување на сиромаштијата, решавање на глобалните проблеми и градење на подобра иднина.
„Курбан Бајрам нека биде повод за враќање кон вредностите на добрината, мирот, праведноста и блискоста со Алах,“ рече тој, упатувајќи честитки до верниците и изразувајќи желба за благосостојба, духовен напредок и единство.

