Опозициската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ) го обвини актуелното владејачко мнозинство дека со своето однесување кон еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја загрозува европската перспектива на земјата и ги нарушува односите со важни меѓународни партнери.
„Марта Кос не е само еврокомесарка со клучна улога во процесот на интеграција во ЕУ, туку и искрен пријател со длабоко разбирање за регионот. Наместо да ги зајакне врските со неа, Владата демонстрираше нетолеранција и недостиг на дипломатски капацитет токму во еден од најважните моменти – Самитот на лидерите од Западен Балкан со Европската унија,“ се вели во соопштението на ДУИ.
Партијата остро ја осуди, како што ја нарече, „организираната кампања на потсмевање и омраза“ по изјавата на еврокомесарката дека „идентитетот не е политичка условеност, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност“.
ДУИ наведува дека таквата изјава заслужувала почит, а не навреда – особено, велат, не од кругови блиски до власта.
Партијата го критикуваше и министерот за европски интеграции, Орхан Муртезани, за, како што наведува, „недостиг на јасен став и јавна поддршка“ за европските вредности што, според ДУИ, ги олицетвори еврокомесарката Кос.
„Муртезани не само што не застана во одбрана на европскиот курс, туку со своето релативизирање и погрешни изјави стана дел од наратив кој може да ги наруши односите со еден од најгласните поддржувачи на нашата евроинтеграција,“ стои во соопштението.
ДУИ предупредува дека во време кога земјата има потреба од стабилни партнерства и јасно лидерство во процесот на пристапување кон ЕУ, секоја форма на молк или, уште полошо, оправдување на националистички реторики претставува политички, а не технички неуспех.
„Граѓаните заслужуваат посериозно претставување во интегративниот процес, а нашите меѓународни партнери – почит, не внатрешно организиран презир,“ заклучува партијата.