Македонските власти и политички партии реагираа на изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски го опиша идентитетот како дел од традицијата и гастрономијата, што предизвика остра дебата во земјата.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека македонскиот идентитет не може да се сведе на кулинарски симболи, туку вклучува историски, културен и јазичен континуитет.
„Нашиот идентитет се нашиот јазик, нашата историја и нашата многувековна култура градена низ тешки времиња. Никој нема право да го оспори нашето право да го почитуваме она што е дел од нас како Македонци,“ изјави Муцунски на бизнис форум во Скопје.
На прашање за изјавата на Кос, тој додаде дека и во 21 век „земји што се нарекуваат европски се обидуваат да го оспорат идентитетот“, алудирајќи на бугарските услови во евроинтегративниот процес.
СДСМ: Изјавата била несоодветна, но без лоша намера
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), сега во опозиција, во реакција порача дека македонскиот јазик и идентитет се „целосно признати“ од Европската Унија, согласно сите потпишани документи.
„Очекувавме еврокомесарката Кос да го нагласи токму тоа – дека идентитетот не е спорен. Темата е одамна затворена и не треба повторно да се отвора,“ соопшти партијата, повикувајќи на поголема внимателност кога станува збор за чувствителни теми.
Левица: Идентитетот не е „гастрономска карта“
Левица, партија со евроскептични ставови, остро ја осуди изјавата на Кос, обвинувајќи ја Европската комисија за „омаловажување на македонскиот народ“ преку, како што велат, сведување на идентитетот на „манастири, погача, пинџур и полнети пиперки“.
„ЕУ со оваа реторика се обидува да го одвои идентитетот од неговиот историски и државотворен контекст. Нашиот идентитет не е гастрономска карта, туку политичка реалност израсната од историска борба,“ се наведува во соопштението.
Партијата побара прекинување на работата на Заедничката историска комисија со Бугарија и повика евроинтеграциите да се водат единствено врз основа на Копенхашките критериуми, без нови отстапки.
Мицкоски: Идентитетот е Делчев, не пинџур
Премиерот Мицкоски, кој вчера ѝ реплицираше на Кос, изјави дека за него идентитетот не се сведува на „прекрасната македонска кујна“, туку на личности како Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци и Илинденците.
„Не знам дали ова го споделуваат колегите од исток, но тие се дел од нашиот македонски идентитет,“ рече Мицкоски.
Изјавата на Кос стана и предмет на онлајн сатири, каде корисници се потсмеваа на европскиот однос, замислувајќи слични изјави за други народи: „Грчкиот идентитет е гиро и ѕаѕики, српскиот гибаница и лесковачки роштиљ.“
Еврокомесарката Кос претходно изјави дека „идентитетот не е предмет на политичко одлучување“, и дека се одразува преку традиција, како македонската храна, носии и култура.