7.8 C
Скопје
17 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

Мицкоски: Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, уште од 1990 година

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, остро реагираше на одлуката на Европскиот парламент да ги усвои амандманите со кои се бришат референците на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за напредокот на земјата, оценувајќи го потегот како „срамен“ и „неправеден“.

„Со овој срамен амандман, светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век,“ изјави Мицкоски на вонредна прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година, подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц. Амандманите со кои се бришат формулациите за „македонски јазик и идентитет“ беа предложени од пратеници од Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, и либералната група „Обнова на Европа“.

„Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, уште од 1990 година. Тоа е дел од агендата за негирање на македонската нација и нејзиниот идентитет,“ рече Мицкоски, додавајќи дека амандманите се потврда за, како што оцени, „трговијата со вредности“ што понекогаш преовладува во ЕУ.

Извештајот првично требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но постапката беше одложена поради барања од бугарски европратеници, кои се противеа на спомнувањето на македонскиот идентитет и јазик во текстот.

„Го знаевме односот внатре во Унијата. Постои судир меѓу вредностите и прагматизмот, трговијата со судбините на народите. Не сме наивни,“ додаде Мицкоски.

Премиерот посочи дека суштината не е во уставните измени ниту во бугарското малцинство. „Неколку стотини луѓе кои се чувствуваат како Бугари не се проблем. Утре можеме да ги внесеме во Уставот. Но вистинскиот проблем е многу подлабок – и тој се гледа низ европските институции,“ рече тој.

„Ќе остане запишано дека за првпат во историјата на независна Македонија, европски извештај кој го содржеше македонскиот јазик и идентитет помина на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), пред да биде изменет со срамните амандмани,“ изјави Мицкоски.

Во заклучок, премиерот ја обвини бугарската дипломатија за оркестрирани притисоци и оцени дека историските неправди врз Македонија се резултат и на внатрешни фактори – „корумпирани и неодговорни лидери кои не воделе грижа за долгорочните интереси на државата“.

Related posts

Вероник Улман за „Економија и Бизнис“: Нашето партнерство се заснова на заеднички вредности, на заемна почит и на искрен дијалог

admin

Мир за 300 милијарди долари: Што навистина содржи договорот меѓу САД и Иран?

admin

Животот покрај море не е секогаш поздрав: Нова студија открива изненадувачка причина

admin

Франција остро му возврати на Руте: Европа може да се брани и без САД

admin

Алиу и Шимун разговараа за зајакнување на здравствената соработка и ЕУ интеграциите

admin

27 април повторно ја подели политиката: АзА на Села вели „режимот се врати“

admin