Министерството за образование нема да може да го исполни барањето на родителите на деца со попреченост за трајно вработување на образовните асистенти, изјави министерката Весна Јаневска, посочувајќи дека потребите се променливи и зависат од бројот и профилот на учениците со посебни образовни потреби.
„Образовните асистенти се ангажираат врз основа на реалните и годишно променливи потреби во училиштата. Трајно вработување не е можно под овие услови,“ изјави Јаневска во интервју за Радио Слободна Европа.
Таа посочи дека во моментов се ангажирани 1.876 асистенти во основното образование, што е значително повеќе од претходната влада. Дополнителни 150 асистенти се предвидени за средните училишта.
Родители предупредуваат дека честите промени на асистентите негативно влијаат врз образовниот процес на нивните деца. Но, Јаневска вели дека одлуката дали дете има потреба од асистент ја носи комисијата за функционална проценка, и откако ќе се оцени напредок, може да се утврди дека повеќе не е потребен асистент.
„Тоа е и целта – децата да станат самостојни,“ рече таа.
Министерката истакна и дека дел од 1.100 училишта во земјава ќе бидат оптимизирани, со оглед на недоволниот број ученици во одредени подрачни училишта. Според неа, досега се затворени околу 100 подрачни училишта, а процесот продолжува во 20 општини.
„Не е логично училиште на 2-3 километри од централното да остане отворено со 10-15 деца. Но, ако е оддалечено 30 километри – тогаш ќе остане, дури и со едно дете,“ појасни таа.
Во однос на ветувањето за едносменско работење на училиштата, Јаневска призна дека само околу 150 училишта имаат капацитет за тоа и најави доградба на објекти, особено во скопските општини. Дел од училиштата се градени како осмолетки, што дополнително го отежнува преминот кон деветолетка и воведувањето на целодневна настава.
Таа исто така најави дека воведувањето на вештачката интелигенција (AI) во наставата ќе се реализира со набавка на смарт табли, проектори и компјутери. Дел од училиштата, рече, самостојно бараат донации преку приватни иницијативи.
„Македонија е мала земја во развој. Секоја инвестиција во образованието мора да биде внимателно планирана,“ рече Јаневска.
Во врска со поразителните резултати од меѓународното ПИСА тестирање, министерката рече дека се преземаат мерки за обука и доедукација на наставниците, како и подобрување на преводот на тестовите. Според неа, проблемот не е само кај наставниците, туку и кај родителите и генерално во општеството.
Министерката вети и дека ќе продолжи изградбата на зградите на факултетите за електротехника (ФЕИТ) и физичка култура во Скопје, започнати пред повеќе од една деценија. Воедно, најави и развој на „мултифункционален научно-технолошки парк“ во кампусот на УКИМ.
„Добрите идеи не треба да се напуштаат поради политичка припадност. Државата мора да создаде капацитет ако сака да го подобри животот на граѓаните,“ заклучи Јаневска.

