36.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНА

Иса Мустафа, поранешен премиер на Косово: Се игра со судбината на државата

Академик Иса Мустафа (1951), поранешен премиер и поранешен претседател на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), во ексклузивно интервју за Инбокс7 ја оценува актуелната политичка состојба низ која минува Косово, неуспехот на Самоопределување (ЛВВ) на Албин Курти, но и на другите политички сили да формираат влада, поради што земјата на крајот на годината оди на предвремени избори.

Мустафа ја коментира и поддршката што Курти ѝ ја дава на политичката групација ВЛЕН во Северна Македонија: „Косово нема комодитет, ниту доволни капацитети да си ги реши сопствените внатрешни проблеми, а камоли да се меша во внатрешните политички односи на албанските партии во Северна Македонија или во другите подрачја каде што живеат и дејствуваат Албанците. Курти ја проба оваа интервенција во Албанија и доживеа тежок пораз, ја проба во Прешевската долина (Србија), а во Северна Македонија сметам дека направи голема и непростлива политичка грешка со тоа што отворено се спротивстави на ДУИ, со што всушност ги доведе во ризик достигнувањата на политичката, културната и демократската еманципација на Албанците таму“.

 

Разговараше: Селадин Џезаири

 

Инбокс7: Професоре Мустафа, на 28 декември Косово оди на предвремени избори. Причината е позната, но гледано однадвор, изгледа дека политичката класа во Приштина падна на испит, што може да биде многу скапо за државата. Каде ги гледате корените на овој неуспех?

ИСА МУСТАФА: Причините се различни, но меѓусебно се надополнуваат. Падот на довербата меѓу политичките субјекти е на најниско ниво од повоениот период наваму, како и претензиите на Движењето Самоопределување (ЛВВ) да освои мнозинство на парламентарните избори. ЛВВ не успеа да освои половина милион гласови за самостојно да ја води Косово без коалиција. Изгуби многу време манипулирајќи со кандидатката за претседателка на Собранието, околу 50 седници на Собранието, а подоцна и со спротивставувањето на изборот на еден од потпретседателите од немнозинските заедници. Во меѓувреме, Уставниот суд, по барање на пратеници од другите партии, донесе две одлуки со цел процесот да се врати во уставни рамки.

Инбокс7: Малку е чудно ова: на почетокот на деведесеттите години ЛДК и другите сили успеавте да воспоставите т.н. паралелен систем наспроти оној наметнат од режимот на Милошевиќ, а денес не успеавте да формирате институции по изборите во февруари. Да, Албин Курти не успеа, но ниту другите политички сили. Не сакаа или не можеа?

ИСА МУСТАФА: Во деведесеттите години постоеше општонародна мобилизација, водена од претседателот Ибрахим Ругова, против Србија. Денес се забележува дека брзо се заборава минатото, а со него и обврската да се изгради држава на граѓаните, економски развиена и еманципирана по примерот на западните демократии. Се игра со судбината на државата. Партијата ЛВВ, која излезе прва на изборите, не покажа вистински интерес да формира влада. Иако тврдеше дека ги има гласовите, се покажа дека не ги има, или подобро речено – дека не беше заинтересирана да го заокружи процесот. И поранешните опозициски партии, ПДК, ЛДК и ААК, немаа доволна сигурност да формираат влада, веројатно кревка, па затоа нивните оправдувања за непотегнување на таков чекор најчесто не беа доволно убедливи.

Инбокс7: Од Вашето искуство соработувајќи со лидерот на ЛВВ, дали сметате дека г. Курти извлече поука од начинот на кој ги третира своите политички опоненти? Се мисли и на неговиот начин на комуникација со Вас пред околу една деценија, а неодамна и на навредите кон политичките противници.

ИСА МУСТАФА: Курти и ЛВВ имаат историја на многу насилни политички дејства, не само на груб и навредлив јавен говор. Уште полошо, тој најде поддршка кај значаен дел од граѓаните за вакво однесување и ваков јазик. Таа поддршка е позагрижувачка од самите вербални напади, солзавецот, камењата и молотовите коктели против институциите, поединците и приватниот имот. Со ваквото однесување, ЛВВ се промовираше како „влада на надежта“, а надежта заврши во длабока економска и социјална криза, санкции од Европската унија и заладување на односите со САД.

Инбокс7: Накратко: дали сметате дека на 28 декември Косово ќе го премине Рубиконот на неизвесноста, ако не и политичката криза, имајќи предвид дека напролет се очекува избор на претседател?

ИСА МУСТАФА: Неизвесност ќе има сѐ додека промовираме и преферираме популистички политики. И додека, наместо економски и социјален развој, остануваме заложници на политики поврзани со Србија и Србите. Институциите може да се формираат, а резултатите од 28 декември може да се променат во зависност од политичката свест за една изгубена политичка и економска година.

Инбокс7: Професоре, кои се најголемите предизвици и најострите проблеми на Косово денес? Да почнеме со внатрешните.

ИСА МУСТАФА: Во моментов, најголемиот предизвик е емиграцијата на граѓаните, особено на младите. Ова е тажен показател дека младите не веруваат во перспективата што ја нуди државата Косово за нивната иднина – било во однос на вработување, развој, образование или безбедност. Политичкото раководство повеќе зборува за војна отколку за елементарните потреби на граѓаните. Бизнисите не гледаат долгорочна сигурност за развој и се обидуваат да се преселат во соседните земји, а квалитетот на образованието е на ниско ниво според меѓународните критериуми.

Инбокс7: А надворешните? Како да се деблокира дијалогот со Србија и како да се „затопат“ заладените односи со САД и ЕУ?

ИСА МУСТАФА: Завршувањето на дијалогот со Србија пред сѐ бара внатрешен дијалог, кој би довел до усогласување меѓу власта и опозицијата околу целите и резултатите од овој процес. Во центарот треба да биде меѓусебното признавање, а предуслов – зачувувањето на територијалниот интегритет и суверенитет. Теренот не е многу поволен за Косово, бидејќи политиката на ЕУ изгледа асиметрична – ги амнестира неконструктивните и дестабилизирачки постапки на Србија, а најчесто го вперува прстот кон Косово. Дијалогот може да има успех со суштинско вклучување на САД, но тоа бара активна улога на Владата и на сите косовски институции.

Инбокс7: Да зборуваме и за обидите на Албин Курти, како премиер на Косово, да поддржи политичка групација Албанци во Северна Македонија, со јавно спротивставување на ДУИ и Али Ахмети. Дали Косово има таков комодитет за мешање, кога тоа наместо обединување создаде поделби?

ИСА МУСТАФА: Косово нема комодитет ниту доволни капацитети да си ги реши сопствените проблеми, а камоли да се меша во внатрешните политички односи на албанските партии во Северна Македонија или во другите средини каде што живеат Албанци. Курти ја проба таа интервенција во Албанија и доживеа тежок неуспех, ја проба во Прешевската Долина, а во Северна Македонија, според мене, направи голема и непростлива политичка грешка со тоа што отворено застана против ДУИ, со што ги доведе во опасност постигнатите резултати на политичката, културната и демократската еманципација на Албанците таму.

Инбокс7: И за крај: како поранешен премиер и добар познавач на состојбите, дали гледате светло на крајот од тунелот – подобри денови за Косово и регионот, со оглед на стравувањата дека Балканот останува „буре барут“?

ИСА МУСТАФА: Шесте земји од Западен Балкан – Косово, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија – со околу 17 милиони жители и просечен БДП од околу 9.000 евра по жител, сѐ уште се далеку од нивото на развој и животен стандард на ЕУ, како и на земјите од Централна и Источна Европа кои веќе поминаа транзиција и станаа членки на Унијата. Последиците од војните од крајот на минатиот век оставија длабоки траги и претставуваат ограничувачки фактор за економската и политичката консолидација. Економиите страдаат од ниска конкурентност, висока неформална економија и корупција. Косово изгуби и продолжува да губи многу време и енергија на стабилизирање на односите со Србија. Не сметам дека овие земји имаат потенцијал да бидат „буре барут“ за европската стабилност, но некои од нив се заробени во менталитетот на минатото.

Инбокс7: Што треба да се направи за тоа навистина да се промени?

ИСА МУСТАФА: Треба да се земе пример од балтичките земји и од државите на Централна Европа за побрз политички, економски и демократски транзициски пат. Економски политики што го поттикнуваат приватниот сектор, зголемување на ефикасноста на институциите и зајакнување на владеењето на правото се клучни фактори за забрзување на овој процес – и во Косово и во регионот. Треба да прифатиме дека, иако посакуваме, не сме доволно важни ниту имаме капацитет и знаење да губиме време на големи геополитички теми, кои им припаѓаат на големите светски економски и политички сили.

Related posts

Рокас со директна порака до Скопје: Без независно судство нема европска иднина

admin

„Аџибадем Систина“ најави тужба против Кедев: што се случува во приватниот здравствен сектор во земјата

admin

Трамп повторно го потресе НАТО: „Апсурдно е Америка да плаќа за сите“

admin

Тендери без критериуми во Државна лотарија во времето на Перпарим Бајрами

admin

По дијагнозата рак: Голема загриженост за кралот Чарлс Трети

admin

Драги повика на „прагматичен федерализам“ за извлекување на Европа од кризата

admin