36.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Владата најави електронски попис во 2026, опозицијата предупредува на ризик од манипулации

 

Владата на Северна Македонија разгледува можност за спроведување електронски попис во 2026 година, изјави премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека со вкрстување на податоци од институционални бази можат да се опфатат до 90 отсто од населението. Предлогот следува по неодамнешната одлука на Уставниот суд, кој укина делови од Методологијата на пописот од 2021 година.

„Со вкрстување на базите, 90 отсто од населението ќе го попишеме електронски, а само околу 10 проценти ќе се попишуваат теренски,“ рече Мицкоски пред пратениците, додавајќи дека Владата е подготвена да предвиди средства за пописот во буџетот за 2026 година.

Мицкоски го услови пописот со поддршка за изборен модел со една изборна единица, кој, според него, ќе ја олесни вклученоста на дијаспората во изборниот процес.

Опозициската СДСМ изрази сомнеж во валидноста на дигитален попис. Лидерот на партијата, Венко Филипче, предупреди дека електронскиот модел не овозможува точна географска распределба и не содржи податоци за етничка припадност.

„Нема електронска база што содржи информација за националност. Освен тоа, многумина живеат на адреси различни од тие во личните документи. Тоа го прави резултатот сериозно непотполн,“ изјави Филипче.

Коалициониот партнер ВЛЕН, пак, се спротивстави на предвремен попис, наведувајќи дека нема постигнат политички договор. Од партијата порачаа дека „секој иден попис мора да биде резултат на длабинска анализа и консензус“, притоа обвинувајќи ги ДУИ и СДСМ за, како што велат, претходна „измама“ со дијаспората.

ДУИ остро реагираше, оценувајќи го најавениот електронски попис како „дигитален инженеринг“ и дел од политички агенди насочени против албанската заедница. Според партијата, Мицкоски во минатото јавно ја довел во прашање бројката од 29,5% Албанци во резултатите од пописот во 2021 година.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Владата веќе работи на подготовка за дигитален попис, вклучувајќи прочистување на базите на податоци од институции како Фондот за здравство и УЈП.

„Таргетот е 2026-та. Сакаме да ја вратиме довербата на граѓаните во системот,“ изјави Андоновски, наведувајќи ја Словенија како позитивен пример.

Државниот завод за статистика за Радио Слободна Европа изјави дека е подготвен да спроведе вонреден попис, но само доколку има официјална одлука и законска рамка. Од институцијата нагласија дека пописните активности мора да се темелат врз стручни, методолошки и законски основи, во согласност со меѓународните стандарди.

„Доколку Владата донесе официјална одлука и соодветно законско решение за реализирање вонреден попис базиран на административни извори, Заводот ќе постапи согласно со законските обврски,“ се вели во писмен одговор за РСЕ.

Одлуката на Уставниот суд не се однесува ретроактивно на пописот од 2021 година, на кој беа регистрирани 1.836.713 резидентни жители и 260.606 нерезиденти. Меѓутоа, Судот оцени дека категоризацијата на населението не е законски заснована, бидејќи директорот на Заводот немал овластување да ја воведе преку подзаконски акт.

ДУИ поднесе интерпелација во парламентот, барајќи одговорност за, како што наведува, злоупотреба на статистички податоци при пописот.

Related posts

ШОК БОМБА ФРЛЕНА ВРЗ ПАТРОЛА НА ЕУЛЕКС НА СЕВЕРОТ НА КОСОВО

ninja

Сопругата на Макрон фатена како го удира претседателот – Елисејската палата во паника

admin

ВИДЕО | Кој се обидува да поттикне меѓуетнички тензии?

admin

„Албанија не е на продажба“: Проектот на Кушнер ја запали најголемата граѓанска побуна против Рама

admin

Муцунски: Северна Македонија не ја поддржа резолуцијата за Газа во ОН поради недефинираноста на Хамас

admin

Стигна пакет? Внимавајте: Опасна СМС измама што се шири низ Македонија

admin