Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија постигнале напредок во спроведувањето на реформите во судството, но и натаму се соочуваат со силна политичка пресија врз судовите и со раширена корупција, се наведува во годишниот Извештај за владеење на правото на Европската комисија, објавен во вторникот.
„Промовирањето на владеењето на правото е во срцето на процесот на #EUEnlargement,“ објави еврокомесарката за проширување Марта Кос на Х (поранешен Твитер). „Примената на истите критериуми за 🇦🇱🇲🇪🇲🇰🇷🇸 како и за земјите членки на 🇪🇺 испраќа јасен сигнал: Подготвени сме да ги поддржиме вашите реформски напори за силни демократии. Денешниот извештај помага да се трасира патот напред.“
Во својот шести Извештај за владеење на правото, Комисијата ги оцени сите земји членки, а по втор пат ги опфати и четирите кандидати од Западен Балкан кои се сметаат за најнапредни на патот кон членство.
„Владеењето на правото не е само столб на демократијата — тоа е и темел на конкурентноста на Европа,“ изјави во Стразбур Хена Виркунен, извршна потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија. Еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото, Мајкл Мекграт, ги презентираше наодите заедно со неа.
Политичка пресија го поткопува судството
Во Албанија, извештајот наведува дека реформите го зајакнале судскиот и обвинителскиот интегритет, но дека и натаму има обиди за политичко мешање и одложувања во изборот на членови на клучни правосудни тела.
Црна Гора ја спроведува Стратегијата за судска реформа 2024–2027, но не ги реализирала сите планирани активности за 2024 година. Забележан е почетен напредок, но е потребно дополнително подобрување на составот на Судскиот и обвинителскиот совет.
Во Северна Македонија, судството и натаму е изложено на влијание од други државни органи, а ограничените буџетски средства го загрозуваат неговиот интегритет.
Во Србија, политичката пресија врз судството и обвинителствата останува висока, со малку или без следни мерки од Советите, Владата или Парламентот. Потребна е и поголема транспарентност на Високиот судски совет.
Корупцијата опстојува
Корупцијата е сѐ уште распространета во сите четири земји, и покрај подобрувањето на законската рамка. Во Албанија, напорите за спречување и санкционирање се зголемени, но законодавството сѐ уште треба да се доработи.
Црна Гора бележи подобрување во истрагите и обвиненијата за висока корупција, но мал број правосилни пресуди ја потхрануваат перцепцијата за неказнивост.
Во Северна Македонија, ситната корупција е особено присутна во здравството, каде што пријавени се поткуп и злоупотреби кои го намалуваат квалитетот и достапноста на услугите.
Во Србија, сѐ уште е предизвик да се воспостави цврста практика на истраги, обвиненија и конфискација на имот во случаи на висока корупција. Извештајот го спомнува и падот на покривот на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, по што започнаа истраги за наводна корупција кои сѐ уште траат.
Медиумската слобода под притисок
Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите остануваат сериозни грижи, особено во Србија. Регулаторното тело за електронски медиуми нема доволна независност, а доцнењето во изборот на нов совет ја поткопува довербата. Уредувачката автономија и транспарентноста на сопственичката структура се ограничени.
Во Албанија, високата концентрација на медиумска сопственост и нападите врз новинари продолжуваат. Црна Гора постигна напредок во транспарентноста на сопственоста, но многу онлајн медиуми сѐ уште не откриваат кој стои зад нив. Во Северна Македонија, финансиската независност на медиумскиот регулатор е подобрена, но именувањето нови членови се уште доцни, а условите за работа на новинарите остануваат тешки.
Контрола и рамнотежа ослабени
Силната политичка поларизација го попречува парламентарното работење низ регионот, наведува Комисијата.
Во Албанија, судирите меѓу владејачкото мнозинство и дел од опозицијата доведоа до блокирање на собранието. Граѓанските организации функционираат слободно, но се соочуваат со предизвици околу регистрацијата и финансирањето, а стеснувањето на просторот за работа е поттикнато и од загриженоста за слободата на медиумите.
Во Црна Гора, политичката криза околу пензионирањето на судија од Уставниот суд беше надмината во март со политички договор, но просторот за граѓанското општество останува ограничен, со недостиг на структурирана комуникација со владата.
Во Северна Македонија парламентот работи според нов Деловник за подобрување на надзорот и ефикасноста, но предизвици постојат при изборот на кадри за независни институции. Владата презема мерки за подобра соработка со граѓанскиот сектор, кој пак се соочува со говор на омраза онлајн.
Во Србија парламентот од февруари 2024 година одржал само девет пленарни седници. Просторот за граѓанското општество е оценет како „попречен“, а организации кои ги критикуваат властите, следат избори или протестираат за животна средина се под сѐ поголем притисок.

