Вкупно 780 бесправно изградени објекти биле регистрирани во текот на 2023 година на територијата на Северна Македонија, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика објавени во јуни минатата година.
Најголем дел од објектите се станбени единици (172), што претставува 22,1% од вкупниот број. Следуваат огради (160 или 20,5%), доградби и надградби (134 или 17,2%) и помошни објекти (78 или 10%).
Меѓу останатите се вклучени деловни простори (62), гаражи (33), натстрешници (63), времени објекти (54), како и помал број скалила (3), тераси (12) и летни тераси (9).
Според сопственичката структура, 93,1% од сите нелегални градби се во приватна сопственост.
Најголем број случаи се пријавени во Куманово (133), проследено од скопските општини со вкупно 112 случаи. Велес и Струга имаат по 49, а Тетово 46.
Во рамки на Скопје, најголем број на дивоградби се забележани во Карпош (34), Центар (32) и Кисела Вода (24). Општините Сарај, Чаир, Шуто Оризари и Арачиново немаат пријавени случаи.
Градоначалничката Арсовска бара истрага против Ганиу
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи ги повика надлежните институции на итно постапување за, како што наведе, сторени кривични дела од страна на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и лица вработени во општината.
Во објавените документи, Арсовска бара обезбедување на докази за, според неа, сериозни кривични дејствија, меѓу кои се споменуваат фалсификати и перење пари. Обвиненијата засега не се потврдени од страна на обвинителството или другите надлежни органи.
Меџити: Борбата против дивоградбите мора да биде неселективна
По спроведената полициска акција во неколку скопски општини, меѓу кои и Чаир – каде што градоначалник е Висар Ганиу од коалицијата ВЛЕН – вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити изјави дека институциите мора да постапуваат неселективно во справување со нелегалната градба.
„Во 80 општини има над 200.000 дивоградби и, ако не грешам, во албанските општини предничи Општина Гостивар. Јас ги повикувам институциите да дејствуваат секаде каде што има недозволено и незаконско градење. Но, не селективно, како што имаше интенција од градоначалничката,“ изјави Меџити во неделата, алудирајќи на Арсовска.

