Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети за напредок во евроинтеграциите, нагласувајќи дека само силна, професионална и отчетна администрација може да ги исполни европските стандарди.
На сесијата на Работната група 6 – „Антикорупција“ во рамките на Националната конвенција за Европската Унија, Минчев рече дека отчетноста на администрацијата е предуслов за враќање на довербата на граѓаните.
„Само со силна и професионална администрација можеме да ги исполниме европските стандарди. Ниту една држава-членка не станала дел од ЕУ без да воспостави транспарентна и департизирана јавна администрација,“ изјави Минчев.
Во извештаите на Европската унија за Северна Македонија, реформите во јавната администрација се повторно меѓу најмногу истакнатите области, со акцент на потребата од департизација, отчетност и подобрување на услугите за граѓаните.
Минчев се сретна со амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас, при што разговараа за текот на реформите и имплементацијата на неодамна усвоените четири клучни реформски закони, кои се однесуваат на организацијата на државната управа, системот на плати и високата раководна служба.
„Новите закони се основа за долгорочна и структурна трансформација на јавниот сектор. Нашата цел е администрацијата да биде услужно ориентирана и отпорна на политички влијанија,“ рече Минчев по средбата.
Според најавите од Министерството, во подготовка е и втор пакет на закони, кој ќе ги уреди платите и напредувањето во јавниот сектор, како и поефикасно функционирање на институциите.
Европската комисија во последните извештаи ја оценува јавната администрација како област во која е постигнат ограничен напредок. И покрај донесените стратегии и закони, политичкото влијание, клиентелизмот и недоволната професионалност остануваат главни предизвици.
Во извештајот усвоен во Европскиот парламент оваа недела, се бара од Северна Македонија да го интензивира спроведувањето на реформите, особено во делот на јавната администрација, борбата против корупцијата и владеењето на правото.

