Во Прилеп вечерва беше одбележана 24-годишнината од загинувањето на десет армиски резервисти во заседа кај месноста Карпалак за време на конфликтот во 2001 година.
Во касарната „Мирче Ацев“ повеќе делегации, роднини и претставници на институции положија цвеќе и оддадоа почит на загинатите: Горан Миновски, Сашо Китаноски, Веби Рушитоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Велјаноски.
Командантот на гарнизонот, полковник Сашко Палески, изјави дека сеќавањето на загинатите ќе се чува со порака „никогаш да не се повтори“. Претседателот на Здружението „Карпалак“ и еден од преживеаните, Игор Петрески, рече дека Прилеп достојно им се оддолжува, но оти државата не посветува доволно внимание на нивното дело.
Настанот беше одбележан и со активности на политички партии. Премиерот Христијан Мицкоски на „Фејсбук“ напиша дека храброста и жртвата на бранителите се „аманет за идните генерации“. Делегација на СДСМ предводена од заменик-претседателката Фани Каранфилова Пановска положи цвеќе на спомен-обележјето кај Карпалак.
На 8 август 2001 година, на автопатот Скопје–Тетово, армиски конвој беше нападнат во заседа при што загинаа десетмина резервисти од Прилеп.

