Младите во Северна Македонија покажуваат силен интерес за демократски вредности и европски идеали, но остануваат исклучени од формалните структури на одлучување. Ова е еден од клучните заклучоци на студијата „Ангажманот на новата генерација: вклученоста на младите во европската интеграција на Северна Македонија“, спроведена од Институтот БИРС.
Според студијата, младите најчесто се вклучени од страна на носителите на одлуки во советодавни или привремени форми, без суштинско влијание врз креирањето на јавните политики. „Главните пречки за ангажман на младите во процесите на европеизација и демократизација вклучуваат институционална недоверба, недостиг на транспарентност, ограничени ресурси и инструментализација на младинските структури“, се истакнува во извештајот.
Иако постои поволен правен рамки, како што се Законот за младинско учество и младински политики (2020) и Националната младинска стратегија 2023–2027, ангажманот на младите останува претежно симболичен, фрагментиран и проектно-ориентиран, без да стане системски и трансформативен.
Студијата идентификува институционални, политички, општествени и економски бариери што ја ограничуваат ефективната вклученост на младите во реформските процеси кои ги бара ЕУ. Се нагласува потребата од реосмислување на улогата на младите – од пасивни корисници до активни креатори на европската иднина на земјата.
Помалку од половина од општините имаат формирано Локални младински совети, а и таму каде што постојат, овие тела немаат независност, оперативен капацитет или влијание врз локалните политики. Младите кои не се партиски поврзани изразуваат висока недоверба кон институциите и многу младински структури ги гледаат како политички контролирани или манипулирани.
Граѓанските организации предводени од млади се клучни актери во промоцијата на граѓанскиот ангажман и демократските вредности, но се соочуваат со недостаток на средства, ограничен пристап до процесите на донесување одлуки и недоволно институционално признавање. Исто така, недостасува централна дигитална инфраструктура што би овозможила континуирано младинско учество во процесите на европска интеграција, следење на реформите и институционална отчетност.
За да се подобри состојбата, студијата препорачува целосна имплементација на Законот за младинско учество во сите општини, со редовен надзор од независни механизми за обезбедување транспарентност и спречување политичка инструментализација. Се предлага задолжително издвојување на стабилни младински буџетски линии на локално и национално ниво, развој на сеопфатна дигитална платформа и именување млади претставници со полноправно одлучувачко право во работните групи и комитетите за преговори за членство во ЕУ – особено во области што директно ги засегаат младите, како што се образованието, вработувањето, владеењето на правото и управувањето.
Друг препорачан чекор е зголемување на младинското учество во регионални програми како RYCO, Erasmus+ и други иницијативи поддржани од ЕУ, со цел поттикнување прекугранична соработка, интеркултурна размена и зајакнување на чувството на европска припадност.
Извештајот заклучува дека младите се чувствуваат исклучени од клучните политички процеси, вклучително и реформите поврзани со членството во ЕУ, при што нивното учество често се сведува на ад-хок консултации или формални настани без реална моќ на одлука.
„За да се гарантира успехот на европскиот пат на Северна Македонија, вклучувањето на младите мора да стане централен столб на националните реформи, а не периферна тема. Земјата не може да постигне одржлива демократизација, инклузивно владеење и кредибилно ЕУ-членство без да ја зајакне новата генерација како коавтори на иднината“, се вели во студијата. Главниот предизвик, според авторите, повеќе не е дали младите треба да бидат вклучени, туку како да се вклучат на автентичен, систематски и сеопфатен начин.
Оваа студија е спроведена во рамки на проектот „Младинско вклучување за европеизација на Балканот“, кој го спроведуваат Институтот БИРС од Северна Македонија, НВО „Глас“ од Црна Гора и CFID од Косово, со поддршка од Western Balkans Fund и кофинансирање од Европската Унија.

