Додека европските земји расправаат за безбедноста и обемот на вештачката интелигенција (ВИ), Албанија гледа во технологијата како средство за забрзување на процесот на пристапување во Европската унија – па дури размислува и за министерство управувано целосно од ВИ, пишува угледниот весник Политико.
Премиерот Еди Рама минатиот месец изјави дека ВИ може да стане „најефикасниот член на албанската влада“, со цел да се намали корупцијата и да се зголеми транспарентноста. „Еден ден можеби ќе имаме министерство управувано од вештачка интелигенција. Така нема да има непотизам или судир на интереси,“ рече Рама на прес-конференција во јули.
Според него, локалните ИТ експерти би можеле да развијат модел што би можел да биде „избран“ за министер, а во иднина и цела влада со министри и премиер од ВИ.
Иако идејата засега е само на хартија, поранешниот пратеник и писател Бен Блуши смета дека држави управувани од ВИ се реална можност. „Општествата ќе бидат подобро водени од ВИ отколку од нас – таа не прави грешки, не зема плата, не може да биде корумпирана и не престанува да работи,“ изјави тој.
Албанија со години се соочува со корупција на сите нивоа. Лидерот на опозицијата Сали Бериша моментално е на судење, а поранешниот премиер и претседател Илир Мета е во затвор.
Веќе во употреба
Членката на албанскиот парламент од Демократската партија, Јорида Табаку, предупредува дека ВИ е „алатка, не чудо“ и дека во погрешни раце може да стане „дигитална маска за старите проблеми“.
Технологијата веќе се користи во јавните набавки и за анализа на даночни и царински трансакции во реално време. Албанија, исто така, користи „паметни“ дронови и сателитски системи за следење на нелегални градби, плажи и плантажи со канабис. Планирано е и воведување на препознавање лица за санкционирање на прекршителите во сообраќајот, бидејќи земјата има една од највисоките стапки на смртни случаи во Европа.
Табаку бара јавна консултација и транспарентност околу трошоците и алгоритмите. „Не можете да поправите расипан систем само така што ќе го ставите во облак,“ рече таа.
ВИ за интеграција во ЕУ
Албанија веќе користи ВИ во процесот на усогласување со европското законодавство, по отворањето на преговорите во 2022 година. Владата соработува со Мира Мурат, поранешен технички директор на OpenAI и креатор на ChatGPT, родена во јужна Албанија.
Рама вели дека целта е да се заврши техничкиот дел од преговорите до 2027 година, две години побрзо отколку што тоа го направи Хрватска. Според поранешната советничка за интеграција Одета Барбулуши, ВИ може значително да го забрза преводот и споредбата на законите, но политичкиот надзор останува неопходен.
Дигитализација и „беби лидери“
Покрај практичните примени, Албанија привлече внимание во мај кога на Самитот на Европската политичка заедница прикажа двеминутно ВИ-видео со „бебешки“ верзии на европските лидери кои зборуваат на својот мајчин јазик.
Сепак, експерти предупредуваат дека земјата нема доволно кадар, инфраструктура и средства за брза имплементација. „Но нема друг пат – адаптацијата мора да продолжи,“ вели ИТ-експертот Гeронд Тачи.

