31.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНА

Бешири: Вучиќ е политички ранет, но нема доброволно да се повлече

Србија се соочува со најсериозна политичка и општествена криза во последната деценија, додека протестите се шират од Белград во повеќе градови низ земјата, поттикнати од корупција, негрижа на власта и полициска бруталност.

Разговараше: Сељадин Џезаири

Искрата беше трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога поради уривање на настрешница на железничка станица загинаа 16 лица. Настанот, дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“, стана симбол на системскиот неуспех и неказнивоста на власта. Месечни истраги без резултат ја зголемија недовербата и сомнежите за корупција и прикривање.

„Трагедијата во Нови Сад го претвори гневот во национално востание,“ изјави Наим Лео Бешири, политиколог и извршен директор на Институтот за европски прашања во Белград. „Она што почна како протести сега се претвора во подлабока политичка и општествена криза.“

Радикални барања

Студентските групи, поддржани од граѓански движења, ја презедоа водечката улога во протестите. Нивните барања одат подалеку од козметички промени: тие бараат слободни и фер избори, независни медиуми, одговорност за трагедијата во Нови Сад и санкции за полициска бруталност.

„Тие инсистираат на системска промена, прекин со автократските практики кои ја држат Србија во заробена состојба,“ вели Бешири. „Таа морална јасност им дава предност во однос на традиционалната опозиција.“

За разлика од претходните протести, овие не се предводени од опозициски партии туку од студенти и граѓански активисти, што ја отежнува дискредитацијата од страна на власта.

Одговор со сила

Владата на претседателот Александар Вучиќ одговори со сила, наместо со дијалог. Полицијата е обвинета за прекумерна употреба на насилство во Белград, Нови Сад, Ниш, Шабац и Ваљево. Медиумите и меѓународните агенции известуваат за масовни апсења, тепања, па дури и тортура врз приведени студенти.

Една студентка, Николина Синђелиќ, изјави дека полицаец ѝ се заканил со силување и ѝ ја удирал главата од ѕид. Нејзиното сведоштво, широко споделувано на социјалните мрежи, ја шокираше јавноста и предизвика осуда од организации за човекови права.

„Таквите сведоштва не само што ја дискредитираат власта, туку дополнително го распалуваат гневот на јавноста,“ рече Бешири. „Режимот се обидува да прикаже сè како странско влијание, но насилството и заплашувањето сведочат за страв, а не за сила.“

Борба за време и легитимитет

Краткорочно, Вучиќевата влада сè уште ги контролира институциите и безбедносниот апарат, што ѝ овозможува да купува време. Но секој ден носи зголемена политичка цена, вели Бешири.

„Режимот го губи легитимитетот и довербата, додека студентите, опозицијата и граѓанските движења добиваат сила,“ вели тој. „Секој нов инцидент, како тепањата во Ваљево или употребата на ‘звучниот топ’ во Белград што предизвика паника, само ја зацврстува перцепцијата дека владата го изгубила правецот.“

Неизвесна иднина за Вучиќ

Вучиќ, кој повеќе од една деценија е на власт, сега е политички ранет, смета Бешири.

„Неговата моќ веќе не произлегува од доверба, туку единствено од страв и сила,“ рече тој. „Тој нема доброволно да се повлече, бидејќи знае дека губењето на власта може да значи и кривична одговорност.“

Според него, судбината на претседателот зависи од два притисока – внатрешниот, кој секојдневно расте, и надворешниот, кој доаѓа од Европската унија и меѓународните партнери. „Кога тие два притисока ќе се спојат, неговиот политички пад е неминовен.“

Промена на политичката сцена

Протестите веќе ја менуваат политичката сцена во Србија. Студентските групи и граѓанските организации ја преземаат иницијативата од традиционалните опозициски партии, наметнувајќи агенда заснована врз барања за слобода, правда и одговорност.

„Старата опозиција ќе мора да се приспособи на оваа нова енергија или ќе стане ирелевантна,“ вели Бешири. „Иднината на српската политика зависи од тоа дали таа енергија ќе се преточи во организиран политички фронт.“

Меѓу илузии и Европа

Србија останува заглавена меѓу спротивставени геополитички визии. Вучиќ го промовира концептот на „српски свет“, кој создава постојани тензии во регионот, одржува тесни врски со Русија и Кина за краткорочна поддршка, а истовремено прашањето за Косово се користи за мобилизација на националистичките чувства.

Но, според Бешири, единствената реална насока за демократски развој и економски напредок е членство во Европската унија.

„Ако Србија продолжи да бега од тој пат, ќе заврши во уште подлабока изолација и сиромаштија,“ рече тој. „Денешните протести јасно покажуваат дека граѓаните сакаат Европа, а не автократија – иако се длабоко разочарани од слабиот одговор на Брисел.“

 

 

Related posts

ЕУ отвора нов дипломатски фронт: Науката станува оружје во глобалната трка за влијание

admin

Швајцарија и САД се обврзаа да избегнуваат манипулации со валути

admin

Историски договор: Канада купува германски подморници вредни 20 милијарди евра

admin

Катица Јанева и Стевче Јакимовски ставени на “црната листа” на САД

admin

Нова авионска несреќа – 167 загинати (видео)

admin

Извештај: Листите со санкции ја разоткриваат корупцијата во Северна Македонија, но не даваат резултати

admin