Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, синоќа во Клубот на пратениците во Скопје организира коктел по повод 24 години од Охридскиот рамковен договор.
„Денес сме собрани за да оддадеме почит на еден од најзначајните настани од поновата историја – Охридскиот рамковен договор, кој стави крај на еден болен конфликт и ја отвори патеката кон побезбедна и поправедна иднина“, изјави Меџити. Тој додаде дека август носи длабока симболика со двата историски датума – Илинден и Охридскиот договор – кои, според него, се темелни камења на современата државност.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од ВМРО-ДПМНЕ. Отсуствуваа лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој беше еден од клучните актери во конфликтот во 2001 година, како и претставници на опозицискиот Европски фронт. Не беа забележани претставници на македонските опозициски партии, а поканетата претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, исто така не присуствуваше.
Според Владата, покани за коктелот биле испратени до сите парламентарни партии.

