36.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски за ДВ: Уплашени се, не знаат дали некој „пропеал“

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека злоупотребите во тајните служби претставуваат закана за демократијата и дека политичките опоненти се „во паника“ откако излегоа информации за незаконско следење.

Во интервју за Дојче Веле, Мицкоски рече дека ако имало докази за незаконски активности од негова страна, досега ќе бил изведен пред правдата. „Ако сум направил нешто компромитирачко или противзаконски, зошто нема пријава против мене?“, изјави тој.

Според него, следењето не било ограничено само на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), туку и на Агенцијата за разузнавање (АР), и двете искористени за лични и политички цели. „Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал“, рече премиерот.

Тој предупреди дека злоупотребите имаат „неславна традиција“ последниве три децении и повика на целосна разрешница. „Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата“, додаде тој.

Мицкоски најави можни реформи и реорганизација на двете служби, вклучително и спојување во едно тело – идеја која, според него, ќе биде разгледана со меѓународните партнери и сојузници. „Настаните само докажуваат дека нешто мора да се преземе, дека службите треба да имаат системи на цивилна контрола и да се спречува нивна злоупотреба“, изјави тој.

Тој ги обвини опозицијата и поранешни директори на АНБ дека „измислуваат изговори“ откако јавноста дозна за аферата. „СДС едно кажува, Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези. Јасно е како бел ден дека се уплашени“, рече премиерот, додавајќи дека „не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел“.

Осврнувајќи се на европската интеграција, премиерот оцени дека процесот мора да биде „попредвидлив и пофер“ кон Македонија. „Сменивме име, а не добивме ништо. Затоа е потребно да добиеме извесност од Европската Унија“, рече тој, предупредувајќи дека двојните стандарди ги разочаруваат граѓаните.

Мицкоски истакна дека земјата треба да се бори за државни позиции, инсистирајќи дека ако Брисел бара промени од Скопје, тогаш и Бугарија мора да ги исполни своите обврски за заштита на малцинствата.

Премиерот наведе дека земјата бележи позитивни трендови, вклучително и четврти најдобар раст на индустриско производство во Европа и рекорден број странски инвестиции. „Наредната година ќе биде година на економски развој и повеќе пари кај граѓаните“, рече тој.

Тој додаде дека за една година биле пуштени во употреба над 70 километри нови патишта, како и зголемување на плати и пензии. „Знам дека тоа не е доволно, но народот гледа и знае да оцени“, изјави Мицкоски.

Тој очекува ВМРО-ДПМНЕ да оствари убедлива победа на претстојните локални избори во октомври. „Таквата победа ќе биде заснована на нашата работа и одговорност кон граѓаните“, додаде премиерот.

„Се соочувавме со предизвици, но државата секогаш одново стануваше на нозе. Денес, повеќе од кога било, потребно е да останеме обединети“, порача Мицкоски. „Македонија има капацитет да биде успешна приказна – ако заедно ја движиме напред.“

Related posts

Дали Албин Курти ја обединува албанската опозиција во С.Македонија?

admin

Г7 бара продолжување и проширување на договорот за извоз на украинско жито

admin

Британија пред нов премиер: Лабуристите стравуваат од „крунисување“ на Барнам

admin

ЃУКАНОВИЌ: ЦРНА ГОРА НЕ Е ДЕЛ ОД РУСКИОТ ПЛАН ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА МОЛДАВИЈА

ninja

Огромно незадоволство во образованието, учебната година може да почне со штрајк

admin

„Скршени тела, тела без екстремитети и крвопролевање на шините“: Страшна железничка несреќа во Индија

admin