Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи и актуелен кандидат за градоначалник на општина Чаир, изборите на 19 октомври ги гледа како клучен референдум за иднината на државата. Во интервју за „Независен“, тој вели дека граѓаните ќе изберат дали Македонија ќе продолжи по европскиот пат или ќе се врати кон влијанието на српскиот свет.
„Уназадувањата во државата се толку големи што не смее да се чека цел мандат за да се прати порака на власта“, рече Османи. Тој најавува дека по локалните избори можни се и предвремени парламентарни избори, бидејќи сегашната ситуација е неодржлива.
Османи критикува дека Чаир цели 20 години го водел еден градоначалник, Изет Меџити, и вели дека е иронично да се бара уште четири години за подобрување на општината. Тој вети дека ако биде избран, ќе стави крај на нелегалните градби, но дека нема да урне станови каде што луѓето со години штеделе за свој дом. „Илегални градби кај мене нема да поминуваат“, нагласува Османи, потсетувајќи дека неговиот интегритет е неприкосновен.
Тој оцени дека урбанистичкиот хаос во Чаир е толку голем што, во случај на земјотрес или несреќа како во Кочани, последиците би биле катастрофални. Тој обвинува дека сегашното раководство склучило 720 фиктивни договори за комунална хигиена, кои всушност служеле за пишување негативни постови на социјалните мрежи против него и ДУИ.
Османи ја критикува и политиката на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, велејќи дека Албанците во државните институции се сведени на „нула“, а според него, премиерот свесно создава криза со порака дека „ова е време за второ полувреме“.
„Овие избори се референдум. Граѓаните ќе изберат дали ќе продолжиме по европскиот пат или ќе се вратиме кон српскиот свет. Секој чекор кон ЕУ е чекор подалеку од српското влијание“, рече Османи. Тој додаде дека Рамковниот договор, кој гарантираше права за албанското население, е практично укинат, особено во делот на јазикот, каде што двојазичноста исчезнала од институциите.
Османи ги опиша три столба на Рамковниот договор: политичко претставување, влијание во вработувањата и јазикот, и посочи дека сите тие се компромитирани. „Сега се создаваат тензии меѓу Македонците и Албанците за да се повикуваат на север за помош. Наш интерес е добрите односи и европската перспектива“, рече тој.
Тој ја критикува и сегашната урбанистичка политика во Чаир. „Дваесет години еден градоначалник работел без план. Населбите немаат ДУП повеќе од две децении, урбанистички хаос, нечистотија и недостаток на паркинзи се најголемите проблеми“, рече Османи. Тој најави ангажирање светски познати архитекти за да се изготви долгорочен план и потсети дека Чаир е една од најгусто населените општини во Европа со околу 80.000 жители.
Буџетот на општината изнесува околу 20 милиони евра, од кои 12 милиони се наменети за образованието. Османи обвинува дека остатокот од средствата се трошат за фиктивни договори со партиски активисти кои не одат на работа и ги користат за партиски цели. „Граѓаните не бараат промена на политичари, туку промена на културата на владеење“, подвлече тој.
На прашањето за дивоградбите, Османи рече дека граѓаните кои веќе инвестирале треба да бидат заштитени. „Ќе има интерактивна мапа и QR кодови на сите градби за да граѓаните можат да ја следат законитоста на објектите“, објасни тој.
Османи истакна дека ќе ги прави јавно достапни сите тендерски постапки и ќе вклучи граѓански организации во надзорот. Исто така, најави културен младински центар на Плоштадот Скендербег, со цел зачувување на автентичноста на Старата чаршија.
„Сите луѓе знаат дека чесноста, дисциплината и посветеноста ќе бидат мојот приоритет. Дваесет години сум хирург и тоа ми е најголемиот капитал – интегритетот“, рече Османи.

