31.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од терасите до социјалните мрежи: Што сè ќе забрани новиот закон за пушење?

Владата во вторник ќе го разгледува новиот предлог-закон за заштита од пушење, кој предвидува построги ограничувања за употребата и промоцијата на тутунските и никотинските производи, како и засилен инспекциски надзор, соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу.

Мицкоски изјави дека законот е подготвен по консултации со засегнатите страни и најави дека неговото спроведување ќе биде проследено со ригорозни контроли на целата територија на државата.

„Нема да има повластени региони или населени места каде законот нема да се почитува“, рече премиерот на средба со претставници на еснафските здруженија.

Според Министерството за здравство, новото законско решение е резултат на повеќемесечни консултации со индустријата, угостителскиот сектор, државните институции и надзорните органи.

Во процесот биле одржани седум работни состаноци со претставници на тутунската индустрија и пет со претставници на угостителскиот сектор. Текстот бил усогласуван со повеќе институции и 14 инспекциски и надзорни органи, додека во јавната расправа преку ЕНЕР биле разгледани 58 забелешки и предлози од граѓани, компании, здруженија и експерти.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека актуелниот закон, донесен во 1995 година и изменуван девет пати, повеќе не одговара на современите здравствени и општествени предизвици.

Според податоците што ги презентираше Министерството, околу 3.600 смртни случаи годишно во земјата се поврзани со употребата на тутун, што претставува приближно 13 проценти од вкупната смртност. Економските загуби поврзани со пушењето се проценуваат на 38 милијарди денари годишно, или околу 5,2 проценти од бруто-домашниот производ.

Законот не ги ограничува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи, но воведува нови правила за нивна употреба и рекламирање.

Предлогот предвидува целосна забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, вклучувајќи ги и електронските цигари и несогорливите тутунски производи. Се забранува пушење во приватни возила доколку во нив има деца, како и на помалку од 20 метри од влезовите на училишта, градинки и здравствени установи.

За угостителските објекти се воведува услов пушењето да биде дозволено само на летни тераси кои се отворени најмалку од две страни.

Законот исто така предвидува забрана за промоција и спонзорирање на тутунски и никотински производи преку социјални мрежи, онлајн платформи и инфлуенсерски маркетинг.

Министерството соопшти дека во подготовката на законот била вклучена и Светската здравствена организација, особено во делот на усогласување со јавно-здравствените стандарди и обврските од Рамковната конвенција за контрола на тутунот.

„Овој закон е резултат на широк консултативен процес и има цел да ги заштити најранливите категории граѓани – децата, вработените и непушачите“, изјави Алиу.

Related posts

Мицкоски: Буџетот е стабилен, засега не се планира зголемување на дефицитот

admin

СДСМ: Куќниот притвор за Груби потврдува дека постои договор

admin

Од училници до редакции: како кинеската „мека моќ“ делува во Северна Македонија

admin

Алиу формира експертска група за хантавирусот

admin

Предизборни вработувања: Врие од огласи, се бараат “гласачи”

admin

“Летечка дискотека со туш”, нова понуда за супербогатите

admin