Опозицискиот СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека знаел оти поранешниот премиер Никола Груевски поседува унгарско државјанство и дека намерно не презел чекори за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Обвинувањата ги изнесе портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, повикувајќи се на информациите објавени од унгарскиот истражувачки портал „Ви Сквер“, според кои Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.
„Мицкоски го знаел тоа цело време и свесно ги лажел граѓаните. Затоа тврдеше дека Груевски ќе биде уапсен, а до денес не се испратени документите за негова екстрадиција“, изјави Кузеска на прес-конференција.
Таа оцени дека соопштението на Министерството за правда, во кое се наведува дека постапката за екстрадиција продолжува без оглед на евентуалното унгарско државјанство на Груевски, претставува обид да се создаде впечаток дека институциите преземаат активности.
„Да сакаа Мицкоски и министерот за правда Игор Филков, барањето за екстрадиција одамна ќе беше испратено. Вистината е дека не сакаат Груевски да биде екстрадиран“, рече Кузеска.
Од СДСМ побараа Владата да ги активира сите дипломатски и правни механизми, вклучително и меѓународна правна помош, со цел поранешниот премиер да биде изведен пред македонските правосудни органи.
Темата повторно се актуализираше откако новиот унгарски премиер Петер Маѓар најави дека Унгарија повеќе нема да биде засолниште за лица осудени или обвинети за криминал во други земји. По таа изјава, унгарски медиуми објавија дека Груевски, кој живее во Будимпешта од 2018 година, покрај политички азил добил и унгарско државјанство.
Министерството за правда вчера соопшти дека Никола Груевски и натаму е државјанин на Северна Македонија и дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство и меѓународните договори.
Груевски избега од земјата во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување затворска казна во случајот „Тенк“. Во Северна Македонија против него има правосилни пресуди за предметите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“, а во тек се и други судски постапки.

