20.7 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мозоци, молк и изгубена доверба

Работна група ќе проверува дали од Македонија со години се испраќале примероци од човечки мозоци за научни истражувања. Ќе се бара документација, ќе се проверува согласност, ќе се мери етика.

Сѐ што требало да биде јасно пред две децении, сега ќе се утврдува ретроактивно.

Но, вистинското прашање одамна не е само медицинско, туку комуникациско и безбедносно! Затоа што кога институциите молчат, празнината никогаш не останува празна. Секогаш се наоѓа некој што пополнува, понекогаш со шпекулации, понекогаш со дезинформации, а понекогаш со внимателно креирани наративи однадвор.

Науката не е проблем. Тишината е.

Биоетичарката д-р Лилија Чолакова-Дервишова потсетува на контекстот што јавните дебати лесно го губат:

Секоe време си носи свои закони, свои протоколи, своја етика… Македонија е млада земја, така што се развиваме со многу закони, многу правилници…“

Не може во 1995 година да се суди со правилник од 2025, вели Чолакова-Дервишова, но она што потенцира е дека може и мора да се објасни што се случувало. Таа укажува и на довербата во луѓето што ја граделе медицинската наука:

Се работи за многу квалитетни личности… не верувам дека би направиле нешто надвор од законот.

А медицината без истражување едноставно не постои:

„Не можете да одите напред ако не правите испитувања… да ја истражите причината за некоја болест… или да правите лекови како би одговарале на одредено ткиво “, завршува биоетичарката Чолакова-Дервишова

Но, проблемот не е науката. Проблемот е што јавноста ја дозна приказната од документи и социјални мрежи, наместо од институциите.

Кога нема одговори, почнуваат наративите

На социјалните мрежи веќе се појавија стотици коментари. Од прашања без одговор, до теории без докази.

„Кој дозволил ова?“

„Дали сме биле експеримент?“

„Што друго не ни кажуваат?“

„Ако ова е вистина, што уште се случувало?“

Стравот секогаш зборува погласно од фактите, особено кога фактите доцнат. Чолакова-Дервишова потсетува дека медицинската етика одамна има правила:

Етиката во медицината… тоа е почитување на правила, на законите кои што се во моментот на владение“.

Правилата што не се објаснети, за јавноста звучат како тајни, а тајните секогаш раѓаат сомнеж.

Тука приказната престанува да биде здравствена и станува информациска.

Во демократија нема институционална тишина. Има институционален ризик.

Комуникологот Бојан Кордалов ја формулира суштината без дипломатски украси:

„Во демократијата не постои термин како институционална тишина… тие се должни да ги даваат одговорите кои што јавноста ги очекува“.

Кога тоа не се случува – довербата паѓа, вели Кордалов. Но уште поважно – се отвора простор за дезинформации.

„Не постои тема која што не е подложна на сомнежи и дезинформации… особено темите поврзани со медицината…“

Токму ваквите чувствителни теми се идеална почва за странско мешање и манипулација со информации, не затоа што темата е медицинска, туку затоа што системот комуникациски е слаб.

Лошата комуникација не е ПР-проблем. Таа е безбедносна слабост.

Кордалов ја отвора најнепријатната, но вистинската димензија:

„Оние институции кои што не се транспарентни… се најподложни на дезинформација и странско влијание“.

Со други зборови: Странското влијание не почнува со странски актери, туку со домашна тишина.

Решението е едноставно, речиси банално:

„Да постои систем во кој што информациите ќе можат да бидат пронајдени онлајн во секое време. Тоа е базична транспарентност“, дециден е Кордалов.

Случајот со мозоците

Можно е истрагата да покаже дека сѐ било законски. Можно е да покаже и пропусти.

Но, најважната лекција веќе е тука: Во ерата на дезинформации, молкот на институциите не е неутрален, тој е ризик- за довербата, за демократијата ризик што лесно го користат надворешни актери. Приказната за мозоците, од денешна дистанца, покажува нешто подлабоко – дали државата знае да го заштити најважното – довербата на сопствените граѓани?!

Светски лекции: кога медицината без доверба станува криза

Ова не е првпат медицинска пракса да ја разниша довербата во институциите. Историјата покажува дека проблемот ретко е само науката, туку недостигот од согласност, транспарентност и навремена комуникација.

Косово: Криминал во здравството и меѓународна мрежа

Во регионот, еден од најшокантните случаи беше аферата со клиниката „Медикус“ во Приштина. Судовите утврдија дека лекари биле дел од организирана мрежа за нелегални трансплантации на бубрези, при што сиромашни луѓе биле носени со лажни ветувања за плаќање, а органите им биле продавани на богати пациенти. Истрагата започна откако млад човек со изваден бубрег беше пронајден болен на аеродромот во Приштина – момент што ја откри целата шема.

Епилогот од ова беше: Во 2013 година, пет лица беа осудени за учество во синџир што извршил најмалку 23 нелегални трансплантации. Подоцна, дел од обвинетите повторно беа осудени за учество во истата мрежа на нелегални операции.

Овој случај не беше само криминален. Тој длабоко ја разниша довербата во здравствениот систем и покажа колку брзо медицината може да стане поле на организиран криминал кога контролата и транспарентноста се слаби. Штетата тогаш не е само здравствена, таа е и општествена и институционална.

 

Related posts

Советникот на Курти во С.Македонија: Ве плаши политичкиот потенцијал на Курти

admin

Почна состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони

admin

СДСМ избра кандидати за Центар, Аеродром, Крива Паланка и уште 16 општини

admin

Мицкоски, Сиљановска-Давкова и Гаши со пораки за Водици: Повик за заедништво, мир и духовно обновување

admin

Тешко се крши мразот за остварување на еколошка правда

admin

СИТЕ ОЧИ ВПЕРЕНИ ВО ОХРИД – УМЕРЕН ОПТИМИЗАМ ЗА ДОГОВОР ВУЧИЌ – КУРТИ

ninja