23.8 C
Скопје
3 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

По 50 години преговори: Грција ѝ го врати цар Самуил на Бугарија

По половина век преговори, Грција и Бугарија разменија историски реликвии во Солун: останките за кои се верува дека му припаѓаат на цар Самуил заминаа за Софија, а во Грција се враќаат 48 црковни предмети однесени за време на Првата светска војна. Атина веднаш го искористи договорот како аргумент во својата долгогодишна битка со Британија за враќање на мермерите од Партенон.

 

Грција во саботата ѝ ги предаде на Бугарија посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на средновековниот цар Самуил, во историска размена во која Софија враќа 48 верски реликвии однесени од цркви и манастири во северна Грција за време на Првата светска војна.

Церемонијата во Солун стави крај на повеќедецениски дипломатски преговори меѓу двете соседни земји околу културното наследство.

Останките на Самуил беа пренесени во Софија со воен авион, придружуван од борбени авиони, а по пристигнувањето беа пречекани со највисоки државни почести и 21 артилериски истрел.

За граѓаните во Бугарија беше организиран и бесплатен превоз за да можат да им оддадат почит на останките.

„Ако некогаш Самуил нè делеше, денес нè обединува“

Бугарскиот премиер Румен Радев ја претстави размената како симбол на надминување на историските спорови меѓу двете земји.

„Ако во минатото цар Самуил нè делеше, денес можам да кажам дека нè обединува“, рече Радев на церемонијата.

Тој оцени дека договорот ја зајакнува стратешката соработка и историските односи меѓу Бугарија и Грција.

Останките биле пронајдени од археолози пред повеќе од 60 години на територијата на денешна Грција.

Самуил има централно место во бугарскиот историски наратив, каде е претставен како владетел на Првото Бугарско Царство и една од клучните личности во борбите со Византија.

Во Грција се враќаат 48 реликвии

За возврат, Бугарија ѝ предава на Грција 48 историски и црковни предмети, меѓу кои икони, крстови и богато украсени литургиски предмети.

Според „Гардијан“, предметите биле однесени од бугарските сили од цркви и манастири во северна Грција за време на Првата светска војна.

Повеќе од еден век биле чувани во Националниот историски музеј во Бугарија.

Договорот е резултат на околу 50 години културна дипломатија меѓу Атина и Софија.

Но размената не помина без политички полемики во Грција.

Поранешниот премиер Андонис Самарас ја нападна владата на Кирјакос Мицотакис, оценувајќи дека Атина дала исклучително значајни останки, а добила назад само 48 од, како што тврди, илјадниците предмети однесени од северна Грција.

Мицотакис ја поврза размената со Партенон

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, пак, ја искористи церемонијата за да испрати порака до Лондон.

Според него, договорот со Бугарија покажува дека државите можат да ги решаваат долгогодишните спорови околу културното наследство кога постојат политичка волја и решителност.

„На спомениците и историските реликвии не може да се гледа како на воен плен“, рече Мицотакис.

Тој директно го поврза договорот со барањето на Атина за повторно обединување на скулптурите од Партенон, дел од кои повеќе од два века се наоѓаат во Британскиот музеј.

Мицотакис рече дека Грција не бара нивно враќање врз основа на „некакво нејасно национално барање“, ниту ја оспорува улогата на музеите низ светот.

Аргументот на Атина е дека Партенон претставува единствен споменик и дека неговите скулптури треба повторно да бидат обединети.

„Дојде времето за вистината, разумот, правдата и моралот“, рече Мицотакис.

Порака до Британскиот музеј

Скулптурите од Партенон биле отстранети од храмот на почетокот на 19 век по налог на лорд Елгин, тогашен британски амбасадор во Отоманското Царство.

Британскиот музеј ги купил во 1816 година и оттогаш се изложени во Лондон.

Грција со децении бара нивно повторно обединување со останатите делови од Партенон што се наоѓаат во Атина.

Мицотакис во Солун јасно стави до знаење дека Атина не би прифатила решение што би значело признавање британска сопственост врз скулптурите или нивно формално „позајмување“ на Грција.

Така размената со Бугарија доби значење што оди подалеку од односите меѓу Атина и Софија.

За грчката влада, враќањето на останките на Самуил во Бугарија треба да послужи како пример дека историските предмети можат да се вратат таму каде што државите сметаат дека припаѓаат, дури и по повеќе од еден век.

Related posts

Европа без Америка? Војната со Иран го менува безбедносниот баланс

admin

Македонија гори: 10 активни пожари, сомнежи за намерно подметнување

admin

Ќе поскапи ли храната? Владата чека утрешен извештај за инфлацијата

admin

Тестовите ПИСА се аларм за итни реформи во образованието

admin

Забраната за влез на архимандрит – порака со повеќе значења

admin

Арсовска со отворено писмо до Рокас: Во Македонија мафијата си има држава

admin