23.8 C
Скопје
30 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Филипче: Мицкоски и Муцунски ја кријат вистината за ЕУ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата дека ја манипулира јавноста околу евроинтегративниот процес и односите со Бугарија, тврдејќи дека официјална Софија потврдила оти уставните измени се европско, а не билатерално прашање.

На прес-конференција, Филипче рече дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски првично ја премолчел средбата со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, а потоа ја минимизирал како „кратка размена на зборови“.

„Но, најважно е каква е пораката на министерката од Бугарија, а која Тимчо Муцунски и Христијан Мицкоски ја скрија од јавноста“, рече Филипче.

Тој ја цитираше изјавата на бугарската министерка дека прашањето за внесување на малцинствата во Уставот повеќе не е билатерално, туку прашање меѓу Европската Унија и земјата кандидат.

„Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земјата кандидат“, рече Филипче, додавајќи дека тоа, според него, значи дека условот е дел од европската преговарачка рамка.

Тој оцени дека Владата создава „вештачки конфликти“ за да го одвлече вниманието од блокирањето на европскиот пат на државата и ја обвини за ширење дезинформации поврзани со Преспанскиот договор и членството во НАТО.

„Луѓето што беа против НАТО, што беа против Преспанскиот договор и ветуваа дека ќе го поништат, денес го фалат членството во НАТО“, изјави Филипче, осврнувајќи се на неодамнешното интервју на Муцунски за „Еуроњуз“.

Лидерот на СДСМ рече дека внесувањето на Бугарите во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет и јазик, туку, според него, дополнително ги зајакнува во рамки на Европската Унија.

„Нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамки на Европската Унија“, рече тој.

Филипче додаде дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат дел од преговарачкиот процес со ЕУ и предложи тие позиции дополнително да се формализираат преку резолуција.

По изјавите на Филипче, реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој обвини дека токму СДС дозволил бугарските барања да станат дел од преговарачкиот процес.

„Официјална Софија и СДС зборуваат со ист речник и со исти тези. Разликата е што Бугарија ги брани своите, а Филипче упорно им штети на македонските национални позиции“, соопшти Петрушевски.

Муцунски претходно реагираше и на употребата на терминот „северномакедонски“ од страна на бугарската министерка, оценувајќи дека тој е „неточен и несоодветен“.

Related posts

Колку е пропорционален македонскиот изборен модел?

admin

Додека патници чекале воз, НАТО вежбал војна со Русија под Чаринг Крос

admin

Шок во технолошкиот свет: Apple го тужи OpenAI за кражба на деловни тајни

admin

Полемика меѓу Османи и Мицкоски околу јазичните прашања

admin

Протечени документи: Бугарија одобрувала извоз на шпионска технологија за Србија и други држави

admin

Принцот Ендру вели дека „прекинал секаков контакт“ со наводниот кинески шпион

admin