Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е задоволен од пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека уставните измени остануваат клучен услов за напредок на Северна Македонија кон Европската Унија, но најави дека Владата ќе се обиде да го деблокира процесот преку директен дијалог со Бугарија.
Првиот тест за таквиот пристап треба да биде веќе следната недела, кога министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски побара средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова на маргините на министерски состанок за Коридорот 8 во Софија. Министерството за надворешни работи потврдило дека барањето е испратено, а доколку биде прифатено, средбата би се одржала во вторник.
Иницијативата следува по посетата на Фон дер Лајен на Скопје, каде што таа повтори дека Северна Македонија има место во ЕУ, но дека земјата треба да го направи договорениот чекор за продолжување на пристапниот процес.
Мицкоски во саботата рече дека средбата со претседателката на Европската комисија била „исклучително пријателска, корисна и содржајна“, но дека не може да каже дека е задоволен од нејзините пораки за уставните измени.
Тој нагласи дека обврската за промена на Уставот била прифатена од претходната влада и повторно ја обвини поранешната власт предводена од СДСМ и ДУИ дека прифатила услови кои сегашната влада сега се обидува да ги промени или ублажи.
Во преговарачката рамка со ЕУ е предвидено Северна Македонија да ги внесе Бугарите и други заедници во Уставот пред отворањето на следната фаза од пристапните преговори. Фон дер Лајен во Скопје јасно ја одвои поддршката за македонскиот јазик и идентитет од исполнувањето на оваа обврска, порачувајќи дека земјата треба да го искористи моментумот на проширувањето.
Дијалог наместо промена на рамката
Мицкоски рече дека токму Фон дер Лајен му предложила Муцунски да побара директна средба со бугарската министерка за надворешни работи.
„Јас добив конструктивен совет од претседателката“, рече Мицкоски, додавајќи дека веднаш побарал од Муцунски да иницира средба.
„Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму“, рече премиерот.
Тој оцени дека евентуалното одбивање на средбата од бугарска страна би ги засилило загриженостите на Владата за намерите на Софија, но рече дека не очекува таков исход.
„Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но тоа е нивна суверена одлука“, рече Мицкоски.
Фон дер Лајен, според соопштението по нејзината средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, оценила дека спорот меѓу Скопје и Софија може да се надмине преку интензивни и сеопфатни разговори кои треба да почнат што е можно побрзо.
Тоа ја отвора можноста Брисел да го охрабрува директниот политички дијалог меѓу двете земји, додека формалната преговарачка рамка и условот за уставни измени засега остануваат непроменети.
СДСМ: Мицкоски да каже како ќе го деблокира процесот
Опозицискиот СДСМ ја толкува посетата поинаку, тврдејќи дека Мицкоски не добил европска медијација за промена на условите, туку бил упатен директно да разговара со Софија.
Партијата побара од премиерот да објасни како планира да го деблокира пристапниот процес доколку не ги спроведе уставните измени.
СДСМ истовремено ја истакна пораката на Фон дер Лајен дека македонскиот јазик и идентитет имаат место во Европската Унија и оцени дека клучното прашање сега е како Владата ќе обезбеди продолжување на преговорите.
Владиниот коалициски партнер ВЛЕН, пак, се фокусираше на позитивната оценка на реформите и на средствата што земјата ги добива во рамките на европскиот План за раст, оценувајќи дека тие се резултат на исполнувањето на реформските обврски.
Ограничен простор за компромис
Засега нема сигнал дека Софија е подготвена да се откаже од договорената формула. Бугарските власти во повеќе наврати ја повторуваа позицијата дека не бараат нови услови, туку исполнување на веќе преземените обврски од европската преговарачка рамка.
Македонската влада, од друга страна, бара дополнителни гаранции дека евентуалното внесување на Бугарите во Уставот нема да отвори нов циклус барања од Софија и претходно ја промовираше идејата измените да стапат во сила со одложено дејство.
Тоа остава мал простор за брз договор: Брисел не најави промена на формалниот услов, а Скопје не покажува подготвеност веднаш да обезбеди двотретинско парламентарно мнозинство за уставните измени.
Мицкоски сепак тврди дека фактот што воопшто се отвора директен канал со Софија е напредок.
„Стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно, еве се случи“, рече тој.
Премиерот најави и две посети на Брисел во ноември – една поврзана со еврокомесарката за проширување Марта Кос и втора во рамките на самитот ЕУ–Западен Балкан.
За Скопје, следниот конкретен показател ќе биде дали Софија ќе ја прифати средбата меѓу министрите и дали разговорите ќе произведат нешто повеќе од повторување на веќе познатите позиции на двете страни.

