Американскиот претседател Доналд Трамп остро го осуди убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк во Јута, нарекувајќи го „дело на радикални левичарски лудаци“ и најави дека Кирк постхумно ќе биде одликуван со Претседателскиот медал на слободата, највисоката цивилна награда во земјата.
Кирк (31), основач на „Turning Point USA“ и близок соработник на Трамп, беше застрелан во среда вечер на Универзитетот во Јута, каде што држеше предавање. Според полицијата, истрелите дошле од блиска зграда, а тој подоцна подлегнал на повредите.
Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека е уапсен 22-годишниот Тајлер Робинсон, осомничен за нападот. Неговиот татко го препознал на видеа од местото на настанот и го пријавил во полиција. Робинсон е задржан без можност за кауција.
„Чарли беше патриот и голем Американец. Ова е мрачен момент за нашата земја,“ изјави Трамп, додавајќи дека безбедноста на јавните настани ќе биде засилена.
Сопругата на Кирк, Ерика, во емотивна изјава рече дека нејзиниот сопруг бил убиен „поради патриотизмот, верата и љубовта“ што ги застапувал. „Нема да дозволам неговото наследство да умре,“ изјави таа.
Нападот ја продлабочи загриженоста за растот на политичкото насилство во САД. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, од 2016 година досега имало најмалку 25 напади и закани врз политичари, кандидати и јавни функционери мотивирани од политички убедувања.

