10.8 C
Скопје
16 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Македонскиот пат кон независност и интеграција: Малески вели дека надворешната политика бара трчање, а не следење на процеси

Поранешниот министер за надворешни работи и универзитетски професор, Денко Малески, во интервју за порталот „Рацин.мк“ се наврати на 1991 година и на првите чекори на земјата кон меѓународна афирмација, оценувајќи дека денешниот свет е суштински различен и дека Македонија мора брзо да ги завршува реформите за да се интегрира во ЕУ и НАТО.

Малески, кој беше сведок и учесник на процесите околу референдумот за независност, вели дека референдумското прашање – „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, а со право да се приклучи на сојуз на суверени држави на Југославија?“ – ја отсликувало тогашната политичка визија: независност со можност за конфедеративен аранжман, со цел да се зачува економскиот простор и да се избегне војна.

„Зад тоа прашање немаше лага, туку желба републиките да станат независни, да бидат дел од Обединетите нации и да соработуваат економски и безбедносно. Најважно беше да нема војна“, рече Малески, додавајќи дека трагедијата во поранешна Југославија потврдила колку била оправдана таа позиција.

Тој потсети дека војните во регионот однесоа десетици илјади животи и создадоа милиони бегалци, а Македонија успеа да ја зачува стабилноста со внимателна дипломатија. „Во надворешната политика на факти не вреди да плачеш. Треба да се обидеш да влезеш во чевлите на другата страна“, рече Малески, објаснувајќи дека Грција го гледала името Македонија како закана по својата безбедност.

Според него, решението со Грција требало да се најде побрзо и преку компромис. „Антиквизацијата и другите политики ни одземаа време и ја усложнија ситуацијата“, истакна тој.

За односите со Бугарија, Малески оценува дека спорот за историјата не може да се игнорира и дека сегашната власт е „заробеник на својата победа“, неспособна да го промени пристапот до крајот на мандатот. „Ако Грците беа подготвени да се откажат од Александар Велики во наша корист, толку и Бугарите се подготвени да се откажат од Гоце Делчев. Затоа мора да бараме решение, друго нема“, рече тој.

Во однос на евроатлантските интеграции, Малески нагласува дека Македонија мора да се движи брзо. „Во меѓународната политика треба да се трча, не да се следи. Утре да се распадне ЕУ, ние денеска треба да влеземе, за да седиме на маса со сојузниците и да разговараме за иднината“, вели тој.

Тој додаде дека НАТО и ЕУ се соочуваат со големи предизвици, а глобалниот поредок се менува кон мултиполарност со растечка моќ на Кина. „Америка мора дел од својата сила да ја пренесе кон Азија, што значи дека Европа губи од безбедносниот чадор. Тоа отвора ризик од нови натпревари меѓу европските сили“, рече Малески.

За Македонија, вели тој, најважно е да изгради добри односи со сите соседи – Бугарија, Србија, Албанија, Косово и Грција – и да се позиционира како „земја на мир и соработка“.

„Европа денеска е поинаква, а и светот нема врска со она што беше во 1991. Во овие услови најдобро што можеме да направиме е да ги завршиме реформите, да ги отвориме поглавјата и да станеме членка на ЕУ. Алтернатива нема“, заклучува Малески.

Related posts

РСЕ: Синови и блиски на политичари во бизнисот со брзи кредити

admin

Пендаровски со втора реакција: Чудно е зошто ВМРО-ДПМНЕ не разбира што се случило во петокот

admin

Бразил го одби новиот израелски амбасадор, Тел Авив го прогласи Лула за „персона нон грата“

admin

Сега може секој: Два потписа за учество на избори

admin

Аналитичари: Можна е владина коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

admin

ЕУ конечно ги менува правилата за авио-патници – еве што ве чека при доцнења, откази и „no-show“ летови

admin