2.8 C
Скопје
15 октомври, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Врисокот на Кочани

Пишува: Љубомир Д. Фрчкоски

Оваа влада ќе остане запаметена единствено со трагедијата во Кочани, а овие локални избори единствено со насилството, корупцијата и бесчесните обиди да се „победи во Кочани“ и со тоа да се потрупа врисокот на мајките на убиените деца, а пепелта на жртвите да се разнесе во потоморен заборав.

Не е важна повеќе партиската математика на победниците и губитниците на изборите. Не е важно дали биле во право тие што претпоставувале дека падот на владејачката партија ќе бидат 100.000 гласа долу и дали полека ќе расте опозицијата. Тоа престанува да биде повеќе важно.

Моралната точка на прекршување и самоспознаја за нацијата станува гласањето и однесувањето на политичките актери во и за Кочани.

Тој врисок од однесувањето и притисоците на владејачката партија да се победи таму и да се сопре и контролира ако може точката на болката која не сопира, на траумата која топи и обојува се’…е застрашувачка нечувствителност, грубост на најдолна провинциска суровост. Таа шокира и го определува моралниот колапс на нацијата.

Како може воопшто ВМРО ДПМНЕ да сака да победи и да владее со Кочани? Како може да посака да ги владее оние и онаму каде и кога се во врска со злосторството, со трагедијата на палежот е поврзано со нивните инсталации и актери: објектот во кој нивните елити славеле и се состанувале со години; агенцијата за обезбедување која требала да го обезбедува објектот; раководење со полицијата и нејзината небрежност, полицајците сега обвинети за нечинење; историјата на корупција која му овозможила на таков објект да функционира воопшто?

Како воопшто во такво опкружување на факти кои ја предизвикаа најголемата трагедија во независна Македонија и болката која не престанува – партијата сака да го владее тоа место пак?

Зарем не им е доволно 53 и кусур општини? Но алчноста на провинциските сатрапи не престанува? Кочани е најважно бидејќи таму треба да се сотре меморијата…постојаниот врисок на родителите на убиените деца.

Моралниот пад и суровост на овој политички актер нацијата не го дочекува со ликот од „Врисокот“ на Едвард Мунк – туку со рационализации и немар !

Опасно разблажување на моралниот пад е повикот да се бојкотира гласањето во Кочани, тоа било одговор бидејќи системот бил крив. Тоа значи дека сите сме по малку виновни, разблажи и терај понатаму. Не, јасно им е на сите кои се темелно виновни. И кои продолжуваат да ја одрекуваат одговорноста за тоа – што се две кумулативни вини една по друга: како чинење и нормализација на злото.

Не, не така! Треба да се спротивстави, а претходно разбере и почувствува длабочината на моралниот крстопат што гласањето во Кочани на овие какви и да се избори претставува за Македонија и Македонците.

Треба да се направи се’ околу обединување на опозиционите сили околу независниот кандидат и да се обиде да се сопре злото. Тоа во Кочани така треба да се нарече – зло. Не системот бил крив, не сите сме виновни – злото треба да се спречи и победи во Кочани. /Либертас

Related posts

Од Подгорица до Скопје: младите како двигатели на европските промени

admin

Сив туризам

admin

ШТО МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ЕВЕНТУАЛНОТО ВКЛУЧУВАЊЕ НА АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ ВО ВЛАДАТА

admin

Цената на мирот со Иран

admin

НЕВИДЛИВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

admin

Евреите, Палестинците и Македонците

admin