Северна Македонија годинава се наоѓа на 64. место од вкупно 143 земји на глобалниот Индекс за владеење на правото на World Justice Project (WJP), покажува најновиот извештај што ја позиционира земјата меѓу држави како Гана, Аргентина, Казахстан и Монголија.
Со индексна оценка од 0,54, Северна Македонија бележи благо подобрување во однос на 2024 година кога беше на 67. место со резултат од 0,53. Но, скромниот напредок не ја менува пошироката слика на долготрајна стагнација во реформите поврзани со владеењето на правото.
Регионален контекст
Во рамки на регионот на Источна Европа и Централна Азија, Северна Македонија е четврта од вкупно 15 земји. Подобро рангирани се Словенија, Хрватска, Грција, Косово и Бугарија. Словенија е на највисоката позиција во регионот – 26. место со индекс 0,68, што ја става во групата на европски земји со стабилно владеење на правото.
Црна Гора е на 55. место, Косово на 59., Босна и Херцеговина на 70., Албанија на 87., а Србија на 96. место. На глобално ниво, Данска повторно е прва со индекс 0,90, пред Норвешка и Финска, додека Авганистан и Венецуела се на дното на листата.
Каде Македонија најмногу заостанува
Во категоријата ограничување на власта, земјата е на 80. место со оценка 0,50. По однос на отсуство на корупција, Северна Македонија се рангира на 69. место со 0,47, а според транспарентност на Владата е на 66. место со индекс 0,51.
Подобри резултати се забележуваат во делот на ред и безбедност – 44. место со индекс 0,80 – додека спроведувањето на регулативите и ефикасноста на правосудството остануваат слаби точки. Земјата е на 89. место според регулаторна примена и на 70. според кривична правда.
Долгорочен тренд
Северна Македонија најдобро беше рангирана во 2015 година, кога го зазеде 46. местo со индекс 0,55. Од тогаш, следеше континуиран пад, при што најслаби резултати се забележани во 2023 и 2024 година. Според податоците на WJP, сегашното мало подобрување не претставува суштински пресврт, туку стабилизација по неколку години назадување.
Индексот за владеење на правото на World Justice Project претставува глобален показател што ги оценува земјите според ограничувањето на владините овластувања, отсуството на корупција, транспарентноста на институциите и пристапот до граѓанска и кривична правда. Извештајот се користи од меѓународните организации и инвеститорите како мерка за институционална стабилност и доверба во системот.
И покрај подобрувањето од еден до два индекса, суштинските промени во С Македонија бараат подлабоки институционални реформи, деполитизација на судството и посилна примена на законите.

