На панел-дискусиите на ЦИВИЛ посветени на демократското назадување и интегритетот на изборните процеси, политички аналитичари, универзитетски професори и поранешни функционери предупредија дека демократските процеси во Северна Македонија се загрозени од партизација, клиентелизам и недостаток на политичка волја за реформи.
Џелал Незири од Институтот Бирц оцени дека земјата формално има слобода на гласање, но дека демократскиот систем е заробен од екстремна партизација.
„Разликата од минатото е што порано имавме една партија, а сега имаме повеќе партии со ист менталитет,“ рече Незири, додавајќи дека граѓаните се сиромашат, додека политичарите ја користат демократијата како пат кон бизнис-успех.
Поранешниот министер за животна средина Тони Поповски нагласи дека Македонија има најмногу партиски членови по глава на жител во Европа, главно мотивирани од лични интереси, не од идеологија.
„Системот станува симбол на ‘цврста рака’, а левицата и десницата го насочуваат гневот на граѓаните кон малцинствата,“ рече Поповски.
Политичкиот аналитичар Сашо Орданоски оцени дека демократијата денес се соочува со нови закани – интернетот и алгоритмите што создаваат ехо-комори и ја поткопуваат вистината.
„Вистината во демократијата не е една. Образованието е клучно, но верувањето дека ‘знаењето е моќ’ е уште една лага ако нема критичка мисла,“ рече Орданоски.
Никица Корубин, поранешна пратеничка, истакна дека денес граѓаните се вистинските чувари на демократијата, но тие се судираат со самиот систем.
„Авторитарната свест е во постојан судир со демократската,“ рече таа.
Сефер Селими од Democracy Lab предупреди дека демократијата е под ризик од националистички политики и внатрешни тензии.
„Оваа влада го нарушува меѓуетничкиот баланс и го користи национализмот како политичка алатка. Медиумите не се цензурирани, туку автоцензурирани,“ рече тој.
Џелал Хоџиќ од СДА-Македонија оцени дека државата се наоѓа во „општествена криза и самоизолација“.
„Ги заладивме односите со сите соседи освен со Србија, што не води кон ‘српски’, односно ‘руски свет’. Македонската економија нема иднина без Европа,“ рече Хоџиќ.
Професорот Оливер Андонов од Воената академија додаде дека партиите се претвориле во центри на клиентелизам и дека функционерите се борат за привилегии, не за идеи.
„Во партиите нема демократија, има назадување. Луѓето гласаат против, а не за нешто,“ рече Андонов.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, оцени дека медиумите станаа слуги на партиските и олигархиските центри на моќ, а пропагандата и дезинформациите го поткопуваат изборниот процес.
„На авторитарните режими не им е важно дали нешто е вистина, туку да создадат недоверба и страв. Граѓаните кога ќе прифатат 500 денари за глас, тоа покажува дека државата не им овозможила достоинствен живот,“ рече Дерала, повикувајќи на медиумска писменост и поддршка за истражувачко новинарство.
Професорот Александар Спасов нагласи дека изборниот модел мора да се смени, бидејќи постојниот систем е производ на Пржинскиот договор и повеќе не ги одразува реалните потреби на општеството.
„Кампањите личат на битка меѓу предавници и патриоти, не на локални избори. Во албанскиот блок владее реторика на преживување. Тоа е играње со оган,“ рече Спасов, повикувајќи на нов Изборен законик и поголема децентрализација.
Аналитичарот Бесим Небиу додаде дека политичкиот систем е затворен и дека нема простор за нови партии и идеи.
„Ние триесет години немаме нови брендови – ниту на цигари, ниту на партии. Ако не го отвориме системот, демократијата ќе остане заробена,“ рече Небиу, предлагајќи воведување на отворени листи на изборите.

