14.8 C
Скопје
16 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Медиумска „империја“ од Велес до Флорида: случајот на Румен Наумовски

Од локална адреса во Велес до маркетинг компанија и конзервативен медиум во Флорида, 27-годишниот Румен Наумовски гради транснационална дигитална мрежа што поврзува Македонија со американскиот медиумски простор. Неговиот бизнис пат, кој почнал со блогови и интернет маркетинг во тинејџерски години, денес е поврзан со медиум што објавува содржини наклонети кон десницата во САД и со нелегална донација во изборна кампања за Конгресот, пошува Радио Слободна Европа во најновото истражување.

Од блогер до медиумски претприемач

Наумовски првпат се појавува во јавноста како тинејџер кој водел блог за кошарка и, според неговите зборови, заработувал и по 400 долари дневно. Во интервјуа за американски конзервативни медиуми тој тврди дека одбил да оди на факултет, убеден дека интернетот му нуди подобра иднина.

Денес, Наумовски е сопственик на веб-порталот Resist the Mainstream, медиум кој се претставува како „глас на оние што ја изгубиле довербата во мејнстрим новинарството“. На веб-страницата, која објавува коментари и вести од конзервативна перспектива, работат 11 Американци. Но Наумовски вели дека целиот проект го води од својот дом во Северна Македонија – без да има некогаш стапнато на американско тло.

Во колумна за американскиот медиум Daily Wire, Наумовски напиша дека неговото барање за американска деловна Е-2 виза било одбиено, иако вложил, според неговите тврдења, повеќе од 145 илјади долари во својот медиум. „Мојот злостор? Премногу искрен сум во желбата да станам американски државјанин“, напиша тој, критикувајќи го американскиот имиграциски систем.

Врски со велешката „фабрика за лажни вести“

Името на Наумовски во САД повторно се појавува во јавноста во 2022 година, кога порталот Open Secrets објави дека тој нелегално донирал повеќе од 3.000 долари во изборната кампања на конгресменот Рот Ваткинс. Според американските закони, странски државјани не смеат да донираат во политички кампањи.

Во својата реакција, објавена на социјалната платформа Telegram, Наумовски тврдеше дека донацијата ја направил „од незнаење“ и дека парите му биле веднаш вратени. „Ја сакам Америка и никогаш намерно не би прекршил закон“, напиша тој.

Американскиот портал Bloomberg уште во 2022 година го поврза Наумовски со групата млади луѓе од Велес кои во 2016 година создаваа веб-страници што ширеа дезинформации за претседателските избори во САД. Тие страници, често наклонети кон Доналд Трамп, го ставија Велес на светската медиумска мапа како „фабрика за лажни вести“.

Наумовски, сепак, во комуникација со Bloomberg ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека неговиот медиум објавува „точни информации“ и дека „Resist the Mainstream“ не е дел од таа мрежа.

Компанија со минимален приход, инвестиција од 100.000 долари

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека Наумовски во 2019 година регистрирал маркетинг агенција „Равв Дигитал“ во Велес, која до август 2025 била во процес на ликвидација. Во 2022 година фирмата прикажала годишен приход од само 1.800 евра, а две години подоцна – едвај 100 евра.

Сепак, истата година тој вложил 100.000 долари за основање на американска маркетинг агенција со истото име во Флорида, која е заведена и во македонскиот Централен регистар како странска инвестиција. Американската фирма нема активна веб-страница, а нејзиниот домен е регистриран во Рејкјавик, Исланд.

Институциите молчат за потеклото на парите

Македонските институции досега не дале одговор дали проверувале како Наумовски ги обезбедил средствата за инвестирање во САД. Од Управата за јавни приходи (УЈП) за Радио Слободна Европа велат дека таквите податоци се „даночна тајна“ и не можат да се споделат.

Според експертот за даночна политика Борче Смилевски, секој граѓанин има право да инвестира во странство, но ако оствари приход што ќе се префрли на домашна сметка, е должен да плати данок на дивиденда. „Потеклото на средствата е прашање за финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање“, вели тој.

Смилевски додава дека случајот го отвора поширокото прашање за контрола на капиталот и проверка на потеклото на имот. „Во државата има многу случаи каде потеклото на средствата е нејасно. Сè додека не се донесе закон за проверка на имотот, овие дилеми ќе останат отворени“, вели тој.

Ниту Управата за финансиска полиција ниту Управата за финансиско разузнавање не одговориле дали Наумовски бил предмет на истрага.

Присутен во САД – без физичко присуство

Иако вели дека никогаш не бил во САД, Наумовски продолжува да го управува својот медиум и маркетинг агенцијата преку интернет. На платформата Resist the Mainstream, неговиот тим редовно објавува вести и коментари што ја поддржуваат американската десница и конзервативни политики.

Во подкаст-интервју со поранешниот извршен директор на Fox News, Кен ЛаКорт, Наумовски раскажува дека почнал да соработува со американски медиуми преку социјалните мрежи, развивајќи онлајн профили за политички и медиумски проекти. „Ако можев да заработувам 400 долари дневно на интернет кога имав 16 години, зошто да одам на факултет?“, изјави тој.

На прашањето за својата политичка мотивација, Наумовски рече дека „е благодарен што станал дел од конзервативниот свет“ и дека политиката го инспирирала да создаде нешто „поголемо и влијателно“.

Повторување на велешкиот модел во нова форма

Иако се оградува од велешките „фабрики за лажни вести“, критичарите во САД и Европа предупредуваат дека неговиот медиум користи слични методи на вирално ширење на содржини, но со идеолошка насока.

За многумина, случајот Наумовски претставува ново поглавје во приказната за дигиталното влијание од малите градови на Балканот врз големите изборни процеси на Западот.

Додека македонските институции молчат, а американските медиуми го следат неговото име во контекст на финансирање и политичко влијание, Наумовски останува симбол на генерација интернет претприемачи од регионот кои успеале да станат глобално релевантни – но во сенката на контроверзии.

 

Related posts

ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска е уценета, работи по налог на СДСМ и Ахмети

admin

Беџети предупредува: Притисоците за повисоки плати без продуктивност ја загрозуваат економската стабилност

admin

Крај за Орбан? Новата власт во Унгарија подготви уставен удар

admin

Руте алармира: НАТО ќе мора да се обедини – Трамп веќе ја „добива“ војната со Иран?

admin

САД ја следат трагата на иранските пари: Прва банка од земја-членка на НАТО на црната листа

admin

Се вжештува дебатата за мигрантските кампови: Што се крие зад пишувањата во британските медиуми 

admin