Пред почетокот на официјалната изборна кампања, кандидатите за градоначалници во Северна Македонија веќе водеа интензивна борба за внимание на социјалните мрежи, покажуваат податоците од платформата Meta Ad Library, кои ги објави порталот на албански јазик КДП.
Во последните 90 дена, според анализата, ккандидатите од шест урбани општини со мнозинство етнички Албанци = Тетово, Чаир, Гостивар, Струга и Дебар – потрошиле над 17.000 евра за спонзорирани објави со политичка содржина на Facebook.
На врвот на листата се наоѓа Изат Меџити, заменик-премиер и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, кој кандидира за градоначалник на Општина Чаир. Тој издвоил повеќе од 7.000 евра за реклами на Facebook.
Неговиот противкандидат од коалицијата АКИ, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, потрошил околу 6.570 евра.
Во Тетово, износите се значително пониски – актуелниот градоначалник и исто така лидер во ВЛЕН, Биљал Касами, потрошил 796 евра, а кандидатот на АКИ, Бајрам Реџепи, 671 евро.
Во Гостивар, независниот кандидат Висар Адеми потрошил приближно 800 евра, додека кандидатот на АКИ, Валбон Лимани, 235 евра. Кандидатот на ВЛЕН, Себаедин Даути, не се појавува во регистарот на спонзорства.
Во Струга, независниот кандидат поддржан од ВЛЕН, Менди Ќура, има потрошено 204 евра, а кандидатот на АКИ, Арсим Далили, 100 евра.
Најмали трошоци за реклами имаат кандидатите од Кичево и Дебар.
Дел од кандидатите ја прошириле својата онлајн кампања и на TikTok, но транспарентноста околу спонзорирањето на содржините таму останува ограничена.
Таргет на Меџити се сите, на Османи – младите
Во Чаир, податоците покажуваат дека Изат Меџити ги таргетира подеднакво сите возрасни групи меѓу 18 и 65 години, додека Бујар Османи се фокусира главно на младата публика од 18 до 32 години.
Иако официјалната изборна кампања во Северна Македонија започна на 29 септември, многу кандидати ги активираа своите политички страници на социјалните мрежи уште во јуни.
Анализата на KDP.MK ги опфаќа активностите во последните 90 дена во петте најголеми општини со албанско мнозинство, каде онлајн-просторот веќе стана главно бојно поле за гласови пред локалните избори на 19 октомври.
Преку Meta Ad Library до политичка транспарентност
Meta Ad Library е јавна архива создадена од компанијата Meta за да обезбеди транспарентност во политичкото рекламирање на Facebook и Instagram.
Архивата вклучува спонзорирани објави што промовираат кандидати, партии или јавни личности; се поврзани со избори, референдуми или политички иницијативи; обработуваат социјални теми што се дел од јавната дебата.
За да објават такви реклами, спонзорите мора да го потврдат својот идентитет и да добијат претходно одобрување од Meta. Платформата им овозможува на кандидатите да насочуваат реклами кон специфични групи според возраст, пол и регион.

