Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на денешното судење против апелацискиот судија Ѓоко Ристов презентираше податоци од неговиот мобилен телефон во кој биле пронајдени контакти на повеќе познати лица од политиката, бизнисот и правосудството.
Меѓу имињата што обвинителката Искра Хаџи-Василева ги прочитала во судница биле Бојан Јовановски – Боки 13, Ана Камчева, Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски, Зоран Азманов, Фехми Стафа, Исмет Гури, Фросина Ременски и Вице Заев.
Во телефонот бил зачуван и контакт на апелацискиот судија Енвер Беџети, кој е ставен на американската црна листа.
Обвинителството не презентираше докази дека Ристов комуницирал со сите лица чии броеви биле пронајдени во телефонот, ниту дека самото постоење на контакт претставува незаконско дејствие.
Обвинителството прочита и пораки
За дел од контактите, сепак, во судница биле презентирани и пораки.
Според обвинителството, Ристов му испратил порака на Беџети во која се распрашувал за предмет што се наоѓал пред кривичен совет по жалба.
„Друже, како ти стои со ова сега КСЖ? Од Управен ме прашува колешка, брат ѝ бил“, гласела една од пораките прочитани во судница.
Била презентирана и друга комуникација поврзана со судски предмети, меѓу која порака со содржина: „И вториот предмет им поминал, што е работава, нели беше средено?“
Обвинителката оцени дека ваквите контакти и комуникации може да се разгледуваат од аспект на етичките и законските обврски на еден апелациски судија, особено кога се однесуваат на лица за кои се воделе активни судски постапки.
Одбраната: Контактите не докажуваат кривично дело
Одбраната на Ристов ги оспори заклучоците на Обвинителството.
Адвокатот Звонко Давидовиќ рече дека доколку постоеле сомнителни комуникации, Обвинителството требало да обезбеди конкретни докази и да покаже на кој начин тие се поврзани со кривично дело.
Тој истакна и дека Ристов не одлучувал сам во Апелациониот суд, туку како член на совет составен од тројца судии.
Спор и околу потеклото на парите
На рочиштето беше презентирано и финансиско вештачење на приходите и имотот на Ристов и неговото семејство за периодот од 2016 до 2025 година.
Обвинителството тврди дека пријавените приходи не го објаснуваат износот од околу 350.000 евра во готовина што беше пронајден заѕидан во семејната куќа во Неготино.
Според вештачењето, Ристов во 2016 година имал месечна плата од околу 60.000 денари, додека во 2024 година примал околу 120.000 денари. Неговата сопруга во 2017 година примала околу 17.000 денари, а во 2024 година околу 90.000 денари.
Вештакот потврдил и дека Ристов на два наврати на свои сметки уплатил готовина од над еден милион денари, но не можел да го утврди потеклото на тие средства.
Одбраната, пак, тврди дека семејството располагало со значително поголеми законски приходи и имот и најави сопствено вештачење со кое ќе се обиде да го објасни потеклото на спорните средства.
350.000 евра пронајдени заѕидани
Ристов е обвинет за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“.
Во семејната куќа во Неготино истражителите пронајдоа околу 350.000 евра во готовина, скриени зад плочки во кујна.
Обвинителството тврди дека на пакувањата со парите биле пронајдени отпечатоци и ДНК-траги на Ристов.
Одбраната најави дека на следните рочишта ќе презентира свои докази за потеклото на парите.

