Пишува: Џелал Незири
ВМРО-ДПМНЕ е истовремено најголемиот победник и најголемиот губитник. Победник затоа што освои 53 општини, 11 повеќе отколку што имаше досега, а губитник затоа што доби околу 130 илјади гласови помалку во споредба со последните парламентарни избори од минатата година. Од 430 илјади гласови во 2024 година, партијата на премиерот Христијан Мицкоски сега излезе со приближно 300 илјади.
СДСМ, пак, претрпе историски пораз, освојувајќи само 125 илјади гласови. Но во споредба со последните избори, тоа е пад од само 20 илјади гласови. ДУИ, која минатата година настапи како „Европски фронт“, доби 137 илјади гласови, а сега како АКИ – 114 илјади, односно околу 23 илјади помалку. Со вкупно 91 илјада гласа, ВЛЕН има минус од 16 илјади во споредба со ланските 107 илјади гласови.
Овие бројки се однесуваат на листите за советници, каде што, за разлика од изборот за градоначалници, се гласа исклучиво за партија.
Што значи овој резултат?
За ВМРО-ДПМНЕ, пораката е дека силната реторика за заштита на македонскиот идентитет не е доволна без подобар животен стандард. По изборите во 2024 година, земјата се соочи со рекордна инфлација во регионални рамки, која не беше проследена со раст на платите. Цените на основните производи пораснаа за речиси 30%, додека платите се зголемија за само 10%. Застојот во евроинтеграциите продолжува негативно да влијае врз економијата и стандардот на граѓаните. Овој резултат бара деблокада на процесот, што подразбира уставни измени и вклучување на етничките Бугари во преамбулата.
За СДСМ пораката е дека мора да спроведе длабоки реформи ако не сака да заврши во историските книги. Најстарата македонска партија, која во последните години беше промотор на евроатлантските интеграции, денес се претвори во политичка алатка на бизнис-центрите. Тие центри ја спасија од банкрот во 2014 година, кога нејзиното седиште беше заложено во неколку банки, а сега го користат последниот нејзин влијателен потенцијал за сопствени бизнис-интереси.
Пораката до АКИ (НАИ) беше јасна: доста со политички експерименти. Коалициите не се само нумерички збирки или проста политичка аритметика, туку сојузи за остварување заеднички идеолошки цели – идеолошки, а не клановски или партиски. Ова е порака дека ниту една партија ниту функционер немаат „сигурни“ гласови и дека довербата мора постојано да се гради преку принципот на строга меритократија. За ДУИ тоа е сериозен аларм за реформа, за пензионирање на доживотните функционери кои имаат свои метастази во сите институции. За двата крила на Алијансата за Албанците, резултатите имаат едно значење – персонализирањето на политиката преку битки на егото не поминува.
За ВЛЕН пораката е итна консолидација со цел подобрување на перформансите во централната власт. Иако пред неколку месеци коалицијата ја напушти Таравари, ВЛЕН има пад од само 16 илјади гласови. Но овој резултат е добра мерка за тоа колку секој партнер тежи во рамките на овој политички сојуз. Ако порано сите се потпираа на анкети што ги прикажуваа во подобро светло, сега секој точно знае каде му е местото. Тоа е добра основа за трансформација во вистинска политичка партија, со консолидирани органи и јасна хиерархија. Засега организацијата е хаотична: не само нестабилна, туку и неефикасна. Со еден збор, народот му даде на ВЛЕН уште една шанса да го положи испитот. Со само една година во владата, тешко е да се очекуваат позадоволителни резултати.
Што се однесува до изборот на градоначалници, тоа е посебна тема што бара нова анализа. Граѓаните имаат многу барања и потреби, но општините имаат многу малку надлежности поради најниското ниво на децентрализација во Европа. Реформите во локалната власт, од зголемување на децентрализацијата до ново територијално уредување, треба да бидат приоритет ако сакаме функционални општини.

